Потребни состојки:

Јајца секакви, па дури и оние дамчести кои се непожелни за фарбање

Лушпи од кромид, жолти, црвени, розови и малку бели од лук

Прехрамбена боја за јајца

Оцет

Масло

Крпи од најлон чорапи

Конец

Постапка:

Исечкајте ги лушпите од кромид со ножици, на многу ситни парченца, а за да бидат јајцата пошарени земете еднаква количина од лушпи на жолт/црн/црвен кромид и лушпи од лук.

Можете да ги иситнете во блендер или едноставно да ги издробите со раце, а покрупните парчиња да ги исечкате.

Јајцето прво натопете го во вода, а потоа извалкајте го во сечканите лушпи и префрлете го во најлон чорап.

Добро стегнете го чорапот околу јајцето и врзете го добро со конец да нема опасност од отворање при готвењето.

Вака подврзаните јајца ставете ги во ладна вода и вклучете го шпоретот, па варете ги 5-6 минути на тивок оган. Истовремено ставете и вода да зоврие за бојата за јајца.

Во тегли или други садови налејте врела вода, потоа додадете ја бојата за јајца и една лажица оцет.

Едно по едно, јајцата вадете ги од шерпата каде се вареа, па внимателно со лажица спуштајте ги во садот со приготвената боја.

Оставете го јајцето неколку минути додека да ја добие саканата боја.

Потоа исперете го со ладна вода, пресечете го конецот, повторно измијте го од залепените лушпи, а ако останат некои, само оставете го јајцето неколку минути во ладна вода и кога ќе го бришете сами ќе отпаднат од него.

Изладените јајца премачкајте ги со намастено крпче за да добијат сјај.