ЛИСНАТА РОЛАТ-ПИТА… Однадвор крцкава, а внатре фина, мека и полна со ролатчиња, само кинете си и јадете…Рецепт на Јекаго. Еве што ви е потребно за да јаправите една од највкусните погачи:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ За тестото: 800 г брашно, 1 коцка свеж (40 г) квасец, 250 мл топло млеко, 100 мл масло, 100 мл газирана вода, 2 јајца, 2 лажички шеќер, 1 лажичка сол
За премачкување: 200 г путер, 200 г крем сирење, 1 лажичка сол, едно јајце за премачкување на питата и семки по желба
ПОСТАПКА: Во топлото млеко ставете една лажичка шеќер, една лажичка брашно и една изронета коцка квасец, измешајте и оставете го квасецот да се активира. Посебно измерете 800 г брашно.
Во сад ставете половина од потребното количество брашно, по една лажичка сол и шеќер, јајцата, маслото, залку загреана кисела вода, активираниот квасец и убаво измешајте со жица за матење.
Продолжете со рачно месење додека постепено го додавате остатокот од брашното, сè додека да добиете фино, меко тесто кое не се лепи за раце.
Покријте го садот со крпа и оставете го на топло место (го оставам во затворена рерна) да стаса тестото, барем половина час. Во меѓувреме изматете го омекнатиот путер, крем сирењето и солта.
Добиеното тесто префрлете го на добро набрашнета маса, развлечете го со оклагија до дебелина од 1 см. и премачкајте со 1/3 од изматениот путер и сирење. Завиткајте го во ролат и оставете го на масата да одмори околу 15 минути.
Повторете уште два пати: набрашнете, развлечете го тестото, премакјате го и свиткајте го во ролат, секој пат одморајќи го по 15-тина минути. После тоа само развлечете го во правоаголник и свиткајте го во ролат без премачкување.
Тестото можете да го поделите на два дела за полесно, да ја повторите истата постапка како што е погоре опишана и да добиете два ролата (јас така направив). Потоа само сечете мали ролатчиња.
Плехот за печење (круг, големина 36 см.) намачкајте или обложете го со хартија за печење, а потоа наредете ги ролатчињата едно до друго, така што ќе се преклопуваат до половина. Може да се наредат и во квадратен плех со димензии 25×35 за да има три реда ролатчиња.
Оставете ги да одморат уште 15 минути, па премачкајте со изматено јајце*, посипете со семки по желба и печете во загреана рерна на 180 степени додека да поруменат.
* напомена – при премачкување на кифличките со јајце пробајте да го премачкате само горниот дел, а не и преклопувањата, па тие ќе бидат поизразени кога ќе се испече питата.
Рецептот е од последниот број на списанието Добра храна, со мои минимални измени. Питата не е многу солена, ако ја сакате посолена додајте уште малку сол.
Исто така, верувам дека може да се направи и во слатка варијанта – следниот пат путерот би го измешала со нутела или растопено чоколадо, при третото премачкување, а потоа се сече на ролатчиња.