Фантастична погача. Ја нареков ПРАЗНИЧНА затоа што е навистина убава за свечени прилики, за празници, за разни прослави, за РАДОСТ НА МАСАТА! Мене ме воодушеви, а верувам дека ќе ве воодушеви и вас ако ја направите. Рецепт и фотографии на Верче Илиоска. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 900 г брашно, 1 коцка свеж квасец /40 г/, 200 мл топло млеко, 200 мл јогурт, на собна температура, 100 мл масло, 2 лажички шеќер, 2 лажички сол, 2 јајца + една белка, 1 жолчка + малку масло за премачкување на погачата, 200 г маргарин за премачкување на кората, 50 г растопен маргарин за премачкување на погачата
ПОСТАПКА: Од наведените состојки замесете мазно тесто. Најнапред квасецот растворете го во млако млеко со шеќер и неколку лажици брашно. Промешајте и оставете на топло место да се активира квасецот и да запени, 10-15 минути.
Потоа додајте ги течните состојки и промешајте да се изедначи, па со постепено додавање на брашното замесете компактно тесто, средно меко и нелепливо.
Поделете го на 4 дела. Развлечете ги во кори, премачкајте ги со маргарин и редете ги една врз друга. Четвртата кора не треба да ја премачкате (јас по грешка и неа ја премачкав).
Од наредените кори развлечете една правоаголната кора и исечете ја на ленти како на фотографијата широки околу 1,5 – 2 см.
Превртете ги двете ленти една врз друга како спирала. Направете го истото со уште две ленти. Работете со лентите од средината на кората, како што е прикажано на фотографијата.
Во калап/тепсија со дијаметар од 28-30 см ставете хартија за печење. Направете го работ на погачата од овие спиралао, како на фотографијата. Потоа завртете уште две ленти и ставете ја оваа спирала во средината, како венец.
Свртете една лента со исечениот дел нагоре и надолу и завртете ги двата краја на спротивните страни за да направите фигура осум, како на фотографијата. Повторете го ова со седум ленти.
Ставете ги овие осумки помеѓу малиот и големиот круг. Од лентата што останува, извртувајте голем полжав. Ставете го во средината на венецот.
Намачкајте ја погачата со растопен маргарин. Оставете ја на топло место да стасува додека да го удвои волуменот. Стасаната погача премачкјате ја со изматена жолчка во која сте додале малку масло.
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 45-50 минути. Ако забележите дека прерано ви заруменила одозгора, само покријте површински со парче фолија и довршете го печењето. Рецепт и фотографии на Верче Илиоска.