Љубов на прв залак, толку вкусна со прекрасна кора и 3 филови. Ретко кој може да ѝ одолее на првиот залак. Торта која е идеална за сите прилики и со која сигурно нема да погрешите при изборот и сигурно ќе го задоволи вкусот и на најпребирливиот гостин. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ЕДНА КОРА: 3 белки, 3 лажици шеќер, 2 лажици брашно, 3-4 лажици мелени ореви. *За оваа торта се потребни 3 кори. ЗА ФИЛОТ: 750 мл млеко, 7 лажици брашно, 9 жолчки, 150 г шеќер, 250 г путер, 100 г чоколадо за готвење, 90 г мелени ореви или лешници. Украсете со 300 мл слатка павлака.
ПОСТАПКА ЗА ЕДНА КОРА: Издвојте ги белките од жолчките, кои претходно треба да бидат отстојани на собна температура. Жолчките сочувајте ги настрана за подготовка на филовите. Белките изматете ги пенасто со миксер додека да добијат цврста структура.
Постепено започнете да го додавате шеќерот додека непрекинато матите со миксерот. Кога шеќерот ќе се растопи, додајте 2 лажици брашно, помешано со 3-4 лажици мелени ореви. Соединете нежно со шпатула. Излејте ја смесата во кружен калап со флексибилен обрач со пречник од 23 см (или слична големина).
Малку подмачкајте ги страните на обрачот, а на дното ставете хартија за печење. Излејте ја смесата за кора и добро израмнете ја. Печете во загреана рерна на 180 степени, околу 8-10 минути, во зависност од рерната зашто корите се многу тенки. На истиот начин се подготвуваат сите 3 кори и се оставаат да се оладат.
ЗА ФИЛОТ: Изматете ги жолчките заедно со брашното (може и густин) и сипете малку од севкупната количина на млеко, за смесата убаво да се соедини. Остатокот од млекото ставете го да се загрее заедно со шеќерот. Пред точката на вриење, додајте ја смесата од жолчки и мешајте со жица/маталка додека да се добие густ крем.
Кремот тргнете го настрана и покријте го со стреч-фолија да се олади. Потоа, измиксајте го путерот со кремаста конзистентност, па постепено започнете да го додавате оладениот крем. Соединете сѐ во едноличен крем. Вака подготвениот крем поделете го на 3 дела.
Во едниот дел додајте го растопеното чоколадо за готвење, во вториот додајте ги мелените ореви/лешници и третиот оставете го само со жолт крем, не додавајте ништо. ФИЛУВАЊЕ: Врз првата кора нанесете го најцврстиот крем, тоа е најчесто чоколадниот крем, но кај мене и тој со ореви беше многу густ, па тој го нанесов прв.
Како втор нанесете го чоколадниот или обратно, тој со ореви/лешници, а врз третата кора премачкајте го жолтиот крем. Добро израмнете го секој крем, па ставете ја тортата во фрижидер на ладење. Потоа декорирајте ја со изматен снег од слатка павлака и растопено чоколадо, како што е прикажано на сликата. Деталите погледнете ги ОВДЕ.