Ако ги сакате питите, но немате време за месење, тогаш овој рецепт редовно ќе го приготвувате и ќе се сладите во неверојатниот вкус на ова сочно јадење. Се приготвува со готови кори и се филува со мелено месо, а потоа се залива со одличен прелив. Не пропуштајте го рецептот на Јелена Петровиќ, еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г тенки кори, 2 големи главици кромид, 5-6 млади кромитчиња, 500 г мелено месо (по избор), 2 рендани компири, сол, мелен црн пипер, сув зеленчуков зачин по вкус, малку масло. За прелив: 3 јајца, 200 мл јогурт, 200 мл газирана вода или кисело млеко

ПОСТАПКА: Отворете ги корите и пребројте ги за да имате увид врз количината и поделбата на филот. Кромидот ситно исечкајте го заедно со младиот кромид и на малку масло пропжете го неколку минути колку да омекне и застакли.

Потоа додајте го меленото месо и динстајте го 15-тина минути со повремено промешување, или колку што е потребно, додека да испари вишокот течност што ќе ја испушти и да ја промени бојата.

Потоа посолете, запиперете и зачинете со разни зачини по ваш вкус. Компирот настрана добро измијте го, а потоа изрендајте го на крупната страна од рендето. Можете директно да го исперете од скробот во ладна вода и да го исцедете, но не мора.

Додајте го во издинстаното мелено месо, промешајте и сето добро изедначете го. Филот е готов. Тепсијата или плехот со средна големина во кој ќе се пече питата намастете го со малку масло, па растресено наредете две кори. Секоја од нив испрскајте со малку масло.

Потоа ставете трета кора, а врз неа рамномерно распоредете три лажици од филот. Потоа поклопете повторно со две кори, секоја по малку намастена, а врз третата кора распоредете три лажици фил.

Постапката повторувајте ја сè додека да го потрошите сиот материјал. Потоа ставете две последни кори одозгора и потпикнете ги внатре како да местите чаршав на кревет. Питата исечете ја на коцки со големина по ваша желба.

За прелив: во подлабок сад скршете ги јајцата, додајте јогурт и газирана вода (или млеко), добро измешајте да се изедначи, па залијте ја питата. Протресете ја за да се распореди преливот рамномерно.

Печете ја во загреана рерна на 200 степени 50-60 минути, а некаде пред крај покријте ја со алу-фолија за да не ви изгори одозгора. Видеопрезентацијата на Јелена погледнете ја ОВДЕ.