Се наближува топлото време, а со него и зголемената консумација на овој десерт. Ова е еден од наједноставноте рецепти за сладолед, а воедно и највкусниот, а се приготвува од само три состојки, кондензирано млеко, слатка течна павлака за шлаг и чоколадо.
Овојпат правиме сладолед од темно чоколадо, но можете да го приготвите и од бело, со додаток на ванила. Во случај да сакате овошен вкус, во белата смеса додајте екстракт со боја, како и ситно сечкано овошје.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 конзерва кондензирано млеко од 380 г, 280 г црно чоколадо со повисок процент на какао, 600 мл слатка павлака. Кондензирано млеко можете да најдете во подобро снабдените продавници, но можете и сами да го направите (рецепт – најдолу во текстот).
ПОСТАПКА: Во едно тенџере сипете го кондензираното млеко и додајте го чоколадото искршено на коцки. Ставете го да се загрева на ниска температура или на пареа со непрекинато мешање. Чоколадото треба да се растопи и целосно да се соедини во еднолична густа смеса.
Тргнете го тенџерето настрана и оставете го кремот да се лади со повремено промешување за да не фати коричка. Во меѓувреме извадете ја слатката павлака од фрижидер, и додека е ладна сипете ја во подлабок сад за матење.
Матете ја со миксер 5-6 минути или колку што е потребно за да го зголеми волуменот и да згусне како шлаг. Од овој шлаг црпнете 3 големи лажици и сипете ги во млакиот или оладен крем. Мешајте со кујнска шпатула или лажица додека да се изедначи смесата и малку да се разреди.
Целата содржина сипете ја во садот со шлагот и бавно промешајте додека да се изедначат двете смеси. Ако ја пробате смесата во овој момент ќе се уверите во нејзиниот неодолив вкус. Во оваа состојба можете да ја искористите за десерт во чаша. За сладолед:
Сипете ја содржината во соодветен сад или во чиста кутија од сладолед, протресете и израмнете, па покријте одозгора со проѕирна-стреч фолија (ако има садот и капак). Фолијата се става за да не фати сладоледот кристалчиња.
Оставете го во замрзнувач најмалку четири часа, а потоа послужете го. Одлично се комбинира со чоколадни струганици, трошки или чоколаден прелив, а може да му додадете и некои кекси и сечкано овошје. Деталите од видеопрезентацијата можете да ги погледнете ОВДЕ. Рецепт за кондензирано млеко прочитајте ОВДЕ, подготовка за 5 минути, или класична подготовка – ОВДЕ.