Доволно е еднаш да ги приготвите според овој рецепт, а потоа редовно ќе ги приготвувате овие крцкави компирчиња, обвиткани како ќофтиња. Од овој рецепт се добива многу вкусен оброк, кој може да послужи како ручек или вечера за целото семејство. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 550 г мелено месо, 10 компири, 3 лажици доматен сос, 1 чешне лук (или повеќе), 1 јајце, 100 мл млеко, 2 лажици павлака, 150 г рендан кашкавал, сол, црн пипер во зрна, ловоров лист, 1 лажичка мелен црн пипер, црвена зачинска пиперка, свеж или сув копар.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): млади компири (количина по желба) и малку масло. Од зачини ќе ви бидат потребни: 1 лажичка слатка зачинска пиперка, 1 лажичка сол, 1 лажичка ким во прав, 1/2 лажичка куркума, 1 лажичка лук во прав, 1 лажица црн пипер во прав, 1 лажичка сув рузмарин, 1 лажичка коријандер во прав, 1/2 лажичка чили во прав.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Измијте и излупете ги компирите, па без да ги сечете ставете ги во тенџере. Прелијте со вода, додајте неколку зрна црн пипер и ловоров лист. Варете ги на умерена температура, додека целосно да се омекнат. Можете да ги проверувате со виљушка дали се омекнати.
Во посебен сад се става меленото месо и се додаваат јајцето, чешнето лук, поминато низ преса, доматниот сос, копарот, црниот пипер и солта. Се замесува со намастени раце или со ракавици додека да се соедини. Откако ќе се сварат компирите, се процедуваат од водата и се оставаат малку да се оладат.
Земете малку од смесата со мелено месо и натапкајте ја со раце. На средина се става компирот и се обвиткува со меленото месо. Вака подготвените компири изгледаат како ќофтиња. Јас користев млади компири кои се помали и средни. Покрај тоа што изгледаат поубаво кога ќе се обвиткаат со меленото месо, тие се и многу повкусни.
Кога ќе ја потрошите смесата со меленото месо, а ви останале компири, направете го следново. Во еден намастен плех за печење, наредете ги компирите обложени со мелено месо, а остатокот од компирите се става измеѓу. Во посебен сад се соединува млекото и се додаваат павлаката, сол, мелениот црн и црвен пипер и копарот.
Сето тоа се меша и се излева врз копирите и месото како прелив. Настрана изрендајте малку кашкавал, па врз секое ќофте се наредете по малку од кашкавалот. Се пече во загреана рерна на 180°, приближно 35 минути со фолија и после уште 15 минути без фолија. Деталите погледнете ги ОВДЕ, а во продолжение прочитајте ја постапката за крцкави компирчиња, по рецептот на Верица Николиќ:
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Младите компирчиња исчистете ги и ставете ги во длабок сад, прелијте ги со ладна вода и ставете да се варат. Од моментот кога ќе зоврие водата, варете ги точно пет минути, па извадете ги со решеткаста лажица.
Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени. Сите наведени зачини ставете ги во еден сад и добро измешајте ги, рамномерно да се распоредат. Кој не сака луто, нека го изостави чилито во прав.
Земете соодвете сад кој ќе ви одговара според количината на компирите и истурете малку масло колку да се прекрие дното. Потоа во една (подлабока) чинија исто така ставете малку масло.
Потоа секој компир намастувајте го во маслото од сите страни да се обложи, па редете го во плехот или огноотпорниот сад во кој ќе се пече. Постапката повторете ја со сите компирчиња и наредете ги едно до друго во садот.
Секое компирче одозгора убаво наросете го со мешавината од зачини (ова ќе го повторите уште еднаш, а остатокот сочувајте го во стаклена тегличка за другпат кога ќе правите, а може да го користите и за други јадења).
Ставете ги компирчињата да се печат во загреаната рерна. Кога ќе зарумени коричката, извадете го садот, превртете го секој компир и наросете го со мешавината од зачини, па вратете во рерна да се допече и од другата страна.