Лажната пита со тиквички е супер избор за било кој оброк. Наскоро доаѓа сезоната на тиквичките, но нив можете да ги најдете преку цела година, особено во добро снабдените супермаркети. Овој лесен зеленчук преполн со вода е идеален за сите оние кои внимаваат на килограмите, но и за подготвка на јадења кои се лесни и брзи.
Можете да ги полните со месо и ориз, да бидат замена за компир во многу јадења како што е мусаката, да ги похувате и печете или пржите, да бидат замена за тестото кај диеталните пици, ролати и слично, но во последно време стануваат сè попопуларни и рецептите за „лажни пити“. За нив се потребни само неколку состојки и тоа евтини, а на крај сè се меша во еден сад и се пече. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за калап 18 см): 2 млади тиквички, 1 јајце, 100 мл млеко, 1 полна супена лажица ситно рендан пармезан (20 г), 60 г брашно, 1/2 кесичка или 1 мала лажичка прашок за печиво (5 г), малку маслиново масло. За поголема пита соодветно зголемете ги состојките.
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 100 мл масло, 500 г рендани цедени тиквички, 1 главица кромид, 1 лажица сечкан магдонос, 100 г сирење (фета или некое масно сирење), 300 г брашно, 1 прашок за печиво, 2 лажици кисела павлака, 5 лажици гриз, сол и црн пипер по вкус.
ПОСТАПКА за рецепт 1: тиквичките измијте ги и отстранете им ги краевите, па исечете ги на тенки лентички или тркалца со помош на ренде за таа намена. Посолете ги, помешајте ги за да се распореди солта, па оставете ги настрана 15-тина минути за да се ослободи водата од нив.
За тоа време во посебен сад изматете јајце и млеко, па додајте ситно рендан пармезан и брашно. Мешајте енергично со жица-маталка додека да добиете хомогена, мазна смеса без грутчиња. Додајте прашок за печиво и повторно промешајте.
Тиквичките процедете ги и исушете ги со хартиена салфетка, па додајте ги во смесата со млекото и јајцето. Убаво промешајте за да се распоредат тиквичките во смесата, па сето заедно излејте го подготвен калап (18 см), претходно обложен со хартија и намастен на дното и страните.
Распоредете рамномерно, калапот протресете го и потчукнете го неколку пати од масата, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, приближно 40-45 минути. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ. Следи постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: тиквичките измијте ги, излупете ги изрендајте ги на крупната страна од рендето, посолете ги, промешајте ги и малку оставете ги да отстојат за да го испуштат сокот. Потоа убаво истискајте ги низ раце и исцедете го вишокот сок кој го испуштиле.
Кромидот излупете ги ипо колку можете ситно исечкајте го. Во подлабок сад изматете 3 јајца, додајте масло, исцедените тиквички, сечканиот кромид, сечкан магдонос, дробено сирење, кисела павлака, гриз, брашно, прашок за печиво, сол и мелен црн пипер по вкус.
Смесата убаво промешајте ја со лажица за да се изедначи, излејте ја во калап 20х30 см претходно намастен и набрашнет. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, па намалете на 180 степени и продолжете со печење околу 30 минути, колку да пожолти.