Комбинација од јафа кекси, пишкоти и чоколадо е една од совршените. Колачот сам по себе е многу декоративен и не се пече. Се подготвува за 15 минути, додека да сварите кафе, а потоа се става во фрижидер на ладење. Во продолжение прочитајте уште еден рецепт за фанта јафа торта со кекси. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 400 г пишкоти, 150 г јафа бисквити, 200 г чоколадо, 4 лажици шеќер, 250 г маргарин или путер, 400 мл млеко, сок од еден портокал – по желба. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо, 200 мл слатка павлака.

ПРВ РЕЦЕПТ

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 300 г мелени кекси, 100 г мелени ореви или лешници, 150 г путер/маргарин, 50 г шеќер во прав (или по вкус), 200 мл фанта сок.

ЗА ФИЛ: 1 литар млеко, 3 пудинзи од ванила, 200 г путер/маргарин, 3 лажици шеќер, 100 г шеќер во прав, 200 г јафа кекси (150 г е едно пакување, остатокот го искористив за декорација, а доколку сакате тортата да биде уште повисока, само поделете го филот наместо на два или на три делови и наместо 1,5 пакување ставете 3 пакувања јафа кекси).




ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Во тенџере се ставаат искршеното чоколадо, млекото, путерот и шеќерот, па се става на оган да се растопи и се вари. Во друг сад изберете поголем, искршете ги пишкотите и исечкајте ги ресана кексите.




Кога смесата во тенџерето ќе зоврие, варете една минута за да се соедини сè, со константно мешање. По желба, кога ќе го тргнете од оган, можете да додадете сок од еден портокал, за поинтензивно да се почувствува вкусот. Можете и да го пресконете тој дел.




Измешајте и прелијте со малку од преливот врз јафата и пишкотите и измешајте. При истурање се меша сѐ за преливот да се разлее насекаде и сите бисквити да бидат покриени. Кога сѐ ќе е натопено, целата маса префрлете ја во плех, не правете ја поголема од димензии 23х33 см бидејќи колачот ќе биде многу тенок, препорачувам уште помал, за да излезе подебел.




Така изгледа подекоративно и е многу повкусен. Израмнете и покријте го со стреч-фолија, за да нема воздушни отвори. Загрејте ја слатката павлака додека да стане млака, додајте ја искршената чоколада, промешајте и почекајте една минута да почне да се топи.




Мешајте додека да се растопи чоколадото, па оставете малку да се излади и прелијте го изладениот  колачот. Распоредете ја глазурата насекаде и ставете го колачот да се лади во фрижидер неколку часа.




ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Прво сварете го пудингот. Измешајте го пудингот, шеќерот со малку млеко (100-150 мл). Остатокот млеко ставете го на оган. Кога ќе зоврие полека додајте ја изматената смеса и на намален оган постојано мешајте додека да се згусне. Сварениот крем тргнете го од оган и веднаш прекријте го со фолија за да не фати коричка додека се лади.

ВТОР РЕЦЕПТ

За долниот слој: Пенасто изматете го путерот со шеќерот во прав, па додадете ги кексите и сокот, па уште еднаш изматете за да се соединат состојките. Смесата би требало да е густа но сепак да може да се мати, но тоа зависи и од кексите кои ќе ги употребите. Доколку смесата е претврда, тогаш додадете уште малку сок, а ако е обратно, тогаш додадете уште малку кекси.

Врз тацна за послужувањ ставете го обрачот и истресете ја целата смеса за долниот слој, па со лажица обликувајте. Ако немате калап, можете и веднаш на тацна да ја обликувате смесата со раце, но со калап е попрецизно и полесно.




Путерот за фил изматете го пенасто со шеќерот во прав, па постепено додадете го целосно изладениот пудинг. Прво додадете половина од кремот, изматете убаво, па додадете го и остатокот.

Половина од филот распоредете врз долниот слој и израмнете. Натопувајте ги јафа кексите во фанта и редете ги така што чоколадниот слој ќе го вртите кон долу. Онаму каде што ќе остане празен простор помеѓу тркалцата, исечете едно тркалце на четвртини, па пополнувајте ги празнините.




Одозгора нанесете го остатокот од филот, израмнете, па тортата оставете ја во фрижидер неколку часови добро да излади, или во замрзнувач 1-2 часа. Отстранете го обрачот, малку израмнете и декорирајте по желба. / Domacirecepti.net. Деталите за првиот рецепт погледнете ги ОВДЕ.