Доколку оваа година имате гости за слава или за претстојните празници, најверојатно посакувате да ги послужите со што повеќе вкусна храна од која сите ќе се најадат. На секоја домаќинка ѝ се исполнува душата кога од својот дом ќе испрати задоволни гости. Во голема мера тоа зависи од видот на храната која е послужена, нејзиниот вкус, како и декорацијата.




Почнувајќи од предјадење, па главно јадење и десерт, домаќинките посветуваат часови во кујната за да подготват сѐ како што треба. Со оглед на тоа што десертот се смета за еден од најважните делови од ручекот или вечерата, како сладок завршеток, домаќинките особено време и внимание посветуваат при негова подготовка.




Во продолжение може да прочитате еден рецепт за многу едноставна торта, но сепак многу вкусна, која се прави од само 5 состојки. Процесот на подготовка нема да ви одземе повеќе од 15-тина минути, а сите ќе ви ја пофалат. Еве што ви е потребно за да ја направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 јајца, 10 лажици шеќер (120 г), 150 г ореви, 100 г темно чоколадо, 140 г путер/маргарин. Доколку очекувате повеќе гости, тортата направете ја во поголема количина, односно дуплирајте ги количините на состојките.




ПОСТАПКА: Во два посебни садови кои треба да бидат подлабоки, издвојте ги белките од жолчките. Јајцата треба претходно да бидат отстојани минимум 1 час на собна температура. Во белките ставете 5 лажици шеќер или 60 грама и започнете постепено да матите со миксерот, додека да се формира цврст шам.




Матете 5-6 минути, додека снегот од белки почне да згуснува. Шамот е готов кога белките нема да паѓаат од садот при негово превртување. Во белките додајте ги мелените ореви и со шпатула измешајте. Не продолжувајте да ги миксирате белките, бидејќи ќе спласнат.




Вака подготвениот шам излејте го во плех, обложен со хартија за печење со димензии 25х35 см и добро израмнете со шпатула, за подеднакво да се распореди низ целата површина на плехот. Ова е многу важно со внимание да го направите. Испечете ја кората во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 20-тина минути.




Во зависност од јачината на рерната, повремено проверувајте ја кората. По печењето оставете добро да се олади, па потоа пресечете ја на три еднакви делови хоризонтално, од подолгата страна на правоаголникот. Во меѓувреме подгответе го кремот за премачкување.

ЗА КРЕМОТ: Во жолчките ставете ја останатата половина шеќер и измиксајте додека да се формира мазна смеса. Ставете го садот со жолчки на пареа, врз тенџере со зовриена вода и со повремено мешање, сварете го кремот, додека да згусне. Во жолчките додајте го чоколадото, скршено на коцки и сѐ добро соединете.

Тргнете го садот од рингла и додајте го растопениот путер/маргарин, па повторно соединете. Кога кремот малку ќе се олади, започнете со филувањето на тортата.
ЗА ФИЛУВАЊЕ: Кора, крем, кора, крем, кора, крем. Врз третата кора се премачкува целата торта, одозгора и од страните.

Ставете ја тортата во фрижидер да се стегне минимум 2 часа, а пред послужување декорирајте ја со рендано чоколадо или со шлаг. Послужете со сечење на правоаголни парчиња, со дебелина по ваша желба. Ако ја удвоите количината за поголема, тогаш нема потреба да ги сечете корите на три делови, доволно е на половина. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.