Нема кој не го сака чипсот од компири и покрај свесноста за фактот дека изобилува со сол и транс масти. Тоа е омилената закуска за пред телевизија, за меѓуоброк кога нешто ви се пријадува или едноставно кога ви е досадно и сакате нешто да грицнете.
За моите деца порано чипсот го печев во рерна од тенко исечкан компир со помош на алатката за лупење, но сепак морав да го премачкувам со масло за да добие крцкавост. И, мора да признаам дека не излегуваше сосем крцкав поради нееднакво исечените парчиња, но колку-толку ги задоволуваше моите норми за здрава закуска.
Следниот рецепт што сакам да ви го претставам го открив пред неколку месеци и оттогаш многу често го приготвувам. Од многу малку состојки излегува огромна количина на чипс потенок од лист хартија, крцкав и вкусен, а што е најважно здрав и без капка масло.
Ќе ви го претставам рецептот каде користам компир и кромид, но на овој начин можете да приготвувате чипс од кој било зеленчук, со додатоци и вкусови што вам ви одговараат. Кој сака може да стави лукче или лута пиперка, моркови, пиперки, карфиол…варијациите се бесконечни. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 поголем компир од 200 г , 1 главица кромид од 100 г, 50 мл вода, 50 г скроб/нишесте/густин (најдобар крцкав вкус се добива од тапиока скробот, но и пченкарниот е одличен), 2 г прашок за печиво (1/2 мала лажичка) и малку сол
ПОСТАПКА: компирот излупете го и откако добро ќе го измиете исечете го на приближно еднакви коцки и ставете го во тенџере со вода да се свари. Кога ќе омекне доволно (виљушката треба лесно да поминува), компирот процедете го од водата и ставете го во блендер.
Во меѓувреме излупете 100 г кромид, исечете го на коцки, па и него додајте го во блендерот. Потоа додајте 50 мл вода и изблендирајте ја содржината додека да добиете мазна, изедначена смеса.
Содржината претурете ја во еден подлабок сад, додајте 50 г скроб/нишесте, половина мала лажичка прашок за печиво и исто толку сол, па промешајте со лажица додека да се изедначат состојките, да нема грутчиња. По потреба додајте уште 10 г скроб, доколку смесата излезе поретка.
Добиената смеса претурете ја во готварски шприц/кеса, и започнете со правење на чипсот. Можеби ќе ви се чини дека оваа количина е мала, но верувајте, од неа излегува цела планина чипс, па јас обично дента приготвувам само половина, а остатокот го чувам во фрижидер за следниот ден.
Врз плех обложен со хартија за печење правете сосем мали топчиња со големина на лешник на поголемо растојание, а потоа одозгора внимателно преклопете со друг лист хартија (претходно искројте ги листовите според мерките на плехот). Врз секое парче притиснете со дното на некоја чаша, за да добиете сплоснат круг.
Вака ставете да се пече во претходно загреана рерна на 140 степени, 12 минути (можете да печете по два плеха одеднаш). Кога ќе се испечат само тргнете го горниот лист и извадете го чипсот. Истата хартија можете да ја искористите најмалку уште еднаш. На еден лист правам 16-20 парчиња, но ако сте повешти, може да направите и повеќе. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.