Месото конзервирано на овој начин е сосем природно, ги сочувува сите вкусови и нутриенти во себе, меко е како локум и многу е вкусно. Претходно ве запознавме со најстариот начин за приготвување на месо во тегла во сопствените сокови, а овојпат Тања презентираше како да се конзервира месото во тегла со саламура.




Вака приготвеното месо има рок на траење најмалку една година, но и повеќе, но не може никој да потврди, зашто месото се потрошува за многу пократко време. На овој начин може да се приготви свински врат, свинска плешка, свински бут, како и свински стомак како што е прикажано во презентацијата.




Всушност, на овој начин може да конзервира било какво месо, пилешко, телешко, поголеми или помали парчиња, само е важно да може да се собере во теглата. Доколку приготвувате пилешко месо, истото можете да го приготвите заедно со ориз, па да добиете комплетен ручек во тегла. Еве што ви е потребно за да приготвите месо во тегла, според рецептот на Тања:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1,5 килограм свински стомак, исечен на помали парчиња. ЗА МАРИНАДА: 1 литар вода и 150 г сол. И уште: исчистени чешниња лук за секоја тегла, црн бибер во зрно, 3 тегли со нови капаци




ПОСТАПКА: Месото исечете го на парчиња со големина по ваша желба. За свинскиот стомак на пример, добро е парчињата да бидат поголеми, но сепак да може да ги собере во теглата. На дното од секоја тегла ставете по неколку зрна црн пипер, па наполнете ги со месо.




Во секоја тегла ставете по едно големо чешне лук, или повеќе ако сакате, но внимавајте да не ви домира вкусот. Во меѓувреме направете ја маринадата за месото. На оган ставете тенџере со еден литар вода и 150 грама сол.




Мешајте додека солта да се растопи, а водата да зоврие. Потоа, со помош на кутлача постепено полнете ги теглите лажица по лажица. Не ги полнете одеднаш за да не испука стаклото, туку дозволете му тоа постепено да се загрее.




Кога врелата вода ќе го прекрие месото (до врв), затворете ги теглите со метални, чисти капаци. На дното од големо и широко тенџере поставете памучна кујнска крпа, наредете ги теглите и внимавајте да не се допираат.




Тенџерето исполнете го со вода која треба да достигнува до врвот на капаците. Ставете на оган, поклопете со капак и оставете да зоврие. Потоа намалете ја температурата и гответе на тивко три часа. По изминатото време извадете ги теглите, покријте ги со ќебенце и оставете ги вака да се оладат. Чувајте ги заедно со останатата зимница. Деталите погледнете ги ОВДЕ.