Во кујната на Валентина Машковиќ секогаш можеме да најдеме преубави јадења, а за денес го издвоиме нејзиниот познат рецепт за печива – МАГИЧНИ ПИСМА. Печивата се толку многу вкусни, а едноставноста на подготовката ќе ве привлече, веднаш да си ги направите.




Како што кажува Валентина, овој рецепт им успева дури и на почетнички, за оние кои не се толку вешти со тестото… Нема многу месење, процесот е лесен и затоа новите домаќинки треба да му се препуштат на овој рецепт. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500-600 г брашно (тип 400 или тип 500), 200 мл млеко, 100 мл вода, 100 мл масло, 30 г свеж квасец, 2 жолчки, 1 лажичка шеќер, 2 лажички сол, 200 г путер или маргарин за премачкување. ЗА ФИЛ: 400 г спанаќ, 400 г сирење, 2 белки.




Ако користите свеж квасец, како што е прикажано на видеото, ставете 30 грама, а доколку користите сув квасец ставете 15 грама или 7 грама за инстант сув квасец. Постапката прочитајте ја во продолжение:




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад замесете го тестото. Прво ставете 100 мл вода, 200 мл млеко, 100 мл масло, додајте го квасецот, шеќерот, па добро измешајте ги состојките со жица/маталка до соединување. Постепено започнете да го додавате брашното, измешано со солта и формирајте мазно и меко тесто, кое треба да биде нелепливо под прсти.




Тестото не го месете премногу, доволно е додека да се соедини, за да остане меко. Брашно ќе ви треба приближно 500-600 грама, ќе одредите сами според лепливоста на тестото. Вака подготвеното тесто се остава да ферментира околу 20-тина минути на топло место, покриено под крпа или фолија, додека да се удвои.




По изминатото време, замесете го тестото во подебел валјак и поделете го на 6 поголеми парчиња, кои треба да бидат приближно со иста големина и тежина. Секој дел се формира во топче и потоа се развлекува во тенок круг. На пареа растопете 200 г путер или маргарин. Врз првото развлечено тесто премачкајте обилно со маргаринот и одозгора ставете го второто тесто, кое треба да биде развлечено со иста големина.




Второто тесто повторно се премачкува со маргаринот и потоа врз него се става третото развлечено тесто. На овој начин се редат и останатите теста и се премачкува со маргаринот додека да се стават сите кори една врз друга, а последната кора не се премачкува.

Вака наредените кори се ставаат врз рамна набрашнета површина и се развлекуваат во голем правоаголник или квадрат, колку повеќе можете да го развлечете тестото. Потоа премачкајте го тестото обилно со путер или маргарин.

Започнете да го виткате тестото во ролат, отпочнувајќи од едната подолга страна кон спротивната. Поклопувајте по 6-7 см од тестото, па малку притиснете го делот кој сте го преклопиле и така додека да стигнете до крајот. Премачкувајте со маргарин по потреба. Кога ќе го склопите целото тесто, сосем малку развлечете го со оклагија за да се зголеми правоаголникот.

Поделете го тестото на 6 еднакви парчиња, со широчина од приближно 10-12 см. Секое парче развлечете го во круг или правоаголник и на средина ставајте од филот. Филот направете го на следниот начин: 400 г ситно сечкан спанаќ измешајте го со 400 г сирење по вкус и ставете 2 белки од јајце и измешајте ја смесата додека да се направи кремаст фил од белките.

Поделете го филот на 6 еднакви делови и по еден дел ставајте на средина од секое развлечено парче од тестото. Спојувајте ги спротивните краеви на тестото за да не ситекува филот, така што ќе добиете печива со форма на писмо.

Печивата редете ги во плех, обложен со хартија за печење и одозгора премачкајте ги со двете преостанати жолчки и наросете ги со сусам или некои други семки по желба.

Печивата се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 15 минути, а потоа намалете ја температурата на рерната на 180 степени и допечете ги уште 15-20 минути, додека да фатат коричка. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.