Александра го сподели рецептот за домашни „кекси“ колачиња кои се готови за 20 минути. Како што вели и самата, штом еднаш ги направите, повеќе нема да купувате од продавница, бидејќи овие ќе ви бидат многу повкусни.




Колачињата се многу здрави и можете да ги јадете додека сте на диета. Не се многу кaлорични и одлично се комбинираат со кафе. Јас откога го најдов овој рецепт, постојано ги правам и додека си муабетиме со пријателките, ги јадеме по цела тепсија.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г овесни снегулки, 100 г интегрално брашно (пченично), 100 г мусковадо шеќер (нерафиниран, се продава во супермаркетите или ако немате може да ставите 80 г обичен бел или кафеав шеќер), 1 јајце, 80 г путер, прстофат сол, ванилин екстракт, прстофат прашок за печиво, прстофат цимет.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад се ставаат овесните снегулки. Овесните снегулки кои ги користи Александра во рецептот се како пресечени (поситни), така се продаваат. Додајте го интегралното брашно (најдобро пченично) и наросете со прстофат сол.




Се додава и малку прашок за печиво (1/4 отприлика), а уште помалку се додава и цимет, кој не треба да доминира. Се додава сосем малку ванилин шеќер или екстракт од ванила, како сакате. На крајот се става шеќерот, ако не можете да најдете мусковадо шеќер, ставете 80 г обичен шеќер.




Сите состојки убаво се промешуваат и на крајот се додава 80 г растопен путер на ринлга и 1 јајце. Замесете фина и мека смеса, која треба да биде хомогена и да не се распаѓа. Кога ќе ја направите смесата, со лажица вадете иста количина од неа и формирајте топчиња кои треба да ги редите во простран плех, обложен со хартија за печење.




Она што е интересно за оваа смеса е тоа што може да ја користите како подлога за чизкејк или било кој друг колач, бидејќи навистина е превкусна. Топчињата кои ги наредивте во плехот е потребно малку да ги сплескате со внатрешната страна на дланката, како плескавица, без да се допираат меѓусебе. Колачињата не растат при печење, па затоа не мора да оставате многу простор меѓу нив.




Притиснете ги сосем малку, сепак да си ја задржат својата дебелина, да не бидат претенки. Подготовката трае 10 минути, а потоа се ставаат на печење на 175 степени, околу 12 минути, во зависност од јачината на рерната.




По печењето, колачињата се оставаат малку да се оладат, па веднаш се послужуваат. Подеднакво се вкусни и ладни и топли, но кај нас се јадат веднаш додека се врели и никогаш не останува за следниот ден. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.