Веќе некое време правам различни варијации на чоколаден-лешников намаз (замени за Нутела), но моите девојчиња постојано ми велат дека сепак им е највкусна онаа „црно-бела Нутела“ од продавница, па одлучив да испробам нешто слично.
Прочитав неколку рецепти и ги испробав (повеќе или помалку се слични), па составив свој. Не е дека сакам да се фалам, но моите девојчиња ми рекоа дека ова им е најдобриот Еурокрем кој некогаш го јаделе.
Немам многу слики од постапката, бидејќи не ми беше намерата да го објавувам рецептот, но толку добро излезе што морам да го споделам. Еве што ви е потребно за првиот рецепт (оригинален), а може да го прочитате и вториот од кој излегува баш голема количина:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г вода, 300 г шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, 1 лажичка ванилин екстракт, 200 г кокосово масло/маст, 200 г млеко во прав, 100 г лешници, 2-3 лажици какао во прав и по желба 100 г бело чоколадо (не мора да се стави).
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар млеко, 200 г квалитетн несолен путер, 6 лажици брашно, 6 лажици какао во прав, 200 г шеќер во прав, 1 јајце, 200 г истостиран лешник
ПОСТАПКА за рецепт 1: Загрејте ја рерната на 150 до мах 180 степени и ставете ги лепшниците во плех да се потпечат 10-тина минути со повремено промешување. Оставете да се оладат, па излупете ги и сомелете ги.
Може да се купат и веќе испечени и излупени лешници. Потоа изматете ги со рачен блендер толку долго додека да добиете крем (да избие маста од нив).
Во еден сад ставете вода, шеќер, ванилин шеќер, екстракт од ванила и бело чоколадо (подоцна сфатив дека белото чоколадо е направено од истите овие состојки, па го исфрлив од рецептот, но нема да погрешите ако го ставите). Садот ставете го на оган, промешајте и почекајте да се растопат состојките.
Кога ќе се соедини смесата тргнете ја настрана и оставете да се олади. Потоа додајте го кремот од лешници и мешајте додека да се инкорпорира. Потоа додајте го млекото во прав и кокосовото масло/маст, па повторно соединете.
Одвојте половина од смесата и во неа додајте какао, па добро изматете. Додека сè уште е топло, двете смеси истовремено излејте ги во тегла, затворете и чувајте во фрижидер. АндиЈ – Сооlinarika.сom Ова е постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: лешникот ситно сомелете го или исечкајте го во блендер (колку поситно – толку подобро). Измешајте го какаото, брашното и шеќерот во прав. Во тоа додадете половина литар млеко и јајце, добро промешајте. Втората половина од млекото ставете ја на оган да зоврие.
Во зовриеното млеко со постојано мешање додавајте ја претходната смеса. Додајте лешник и промешајте. Намалете го огнот и постојано мешајте додека смесата да згусне.
Тргнете од оган, додајте го путерот и промешајте. Кога ќе излади – измиксајте со миксер. Оставете во фрижидер да преноќи. Нашата читателка за НМД вака искоментира:
Коментар на Валентина Петкова Николовска: „Мојот рецепт за крем е следниот: Ладно цедено ленено масло, какао, мелени лешници, мед, за вкус екстракт од ванила, многу малку растително масло… сè се меша. Соодносот е по вкус. И навистина е многу вкусно, но малку скапо.”