Ова ми е златен рецепт на кој неодамна налетав и оттогаш многу често го приготвувам. За гостите, но и домашните обично го печам во калапчиња за мафини, но ако сакате можете целото тесто да го излеете во еден среден плех или калап за куглоф и така да го испечете.

Брзо се приготвува и одличен е за кога немате многу време или на врата ви се појавиле ненајавени гости. Освен овој рецепт имам уште еден во кој се додава праз или младо кромитче, па кога имам ваков зеленчук го правам вториот рецепт. Еве што ви е потребно:

РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за 12 проички): 1 чаша (од 200 мл) 200 г пченкарно брашно, 1 чаша брашно, 1/2 чаша масло, 1,5 чаша јогурт или млеко, 1 лажичка сол, 1 лажичка прашок за печиво (1/2 кесичка), 1 јајце, 200 г сирење

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 1 чаша масло за готвење, 1 чаша млеко, 1 чаша газирана вода, 1 чаша кисела павлака, 300 г ситно сирење, 2 чаши пченкарно брашно, 2 чаши бело пченично брашно, 1 голем страк праз ситно исечкан, 1 прашок за печиво (10-12 г). Сол се додава по желба, а чашата е од 200 мл.

Проички со праз и сирење, фото и рецепт на Злата Периќ

ПОСТАПКА за рецепт 1: Во поголем сад измешајте ги сите состојки додека да се изедначат, а на крај додајте го ситното сирење. Внимателно со лажица полнете ги калапчињата за мафини, претходно намастени со путер/маргарин и наросени со брашно. Калапите се полнат две третини, бидејќи нараснуваат во текот на печењето.

Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени приближно половина час или додека да заруменат. Послужете ги топли со кисела павлака, ајвар, малку сувомеснато или што имате. Проичките ми се најубави кога ги правам со јогурт, а ако ставите 2 јајца ќе бидат уште повоздушести. Еве како се приготвува вториот рецепт:

ПОСТАПКА за рецепт 2: Празот убаво измијте го, отсечете му го коренот и ситно исечкајте го. Потоа посолете го и убаво истискајте го со рака или со чекан за месо за да омекне. Нема потреба од препржување, во текот на печењето убаво се зготвува.

Во еден подлабок сад пенасто изматете ги јајцата додека убаво да запенат и да згуснат. Потоа постепено една по една додавајте ги течните состојки додека непрекинато матите: маслото, па јогуртот и на крај млекото.

Во посебен сад измешајте ги двата вида брашно заедно со прашокот за печиво, па постепено додајте ги во течната мешавина од јајца. Матете додека да се впие сето брашно и да не остане ниту едно грутче.

Во мазната хомогена смеса додајте го ситнотосирење и исечканиот праз. Промешајте за да се распореди рамномерно. Во калапите за мафини наредете ги хартиените корпички и наполнете ги две третини. Печете ги во претходно загреана рерна на 180-200 степени додека да заруменат.