Овие крофнички се многу поразлични од вообичаените рецепти кои ги среќаваме, а за тоа докажуваат домаќинките кои ги испробале. Рецептот на Ивана за крофнички е многу едноставен, но и здрав бидејќи не се пржат во длабоко масло, туку се печат во рерна.




Покрај тоа, олеснителна околност е тоа што не мора постојано да стоите покрај шпоретот во кујната. Само го замесувате тестото, вадите крофнички и ги ставате на печење. За да го подготвите ова превкусно тесто, ќе ви бидат потребни следниве состојки:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 јаболко, околу 800 г брашно, 40 г свеж квасец, 2 лажички шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, половина кафена лажичка куркума (опционално), 100 мл масло, 350 мл млака вода, 1 мала лажичка сол. И уште ќе ви треба шеќер, цимет, ореви ако сакате да ги наросувате.




ПОСТАПКА: Јаболката треба добро да се измијат, па да се излупат и да им се отстранат дршката и семките. Потоа се сечат на половина или четвртина и се рендаат на најкрупната страна од рендето, за да не станат кашести. Ренданите јаболка се складираат во еден сад и се ставаат настрана додека го подготвувате тестото.




За тесто: Во подлабок сад издробете го свежиот квасец и измешајте го со 2 лажици шеќер и 2 кесички ванилини шеќер. Во смесата може да додадете половина лажичка куркума за да добиете убава жолта боја, но секако, ова е по желба, доколку не сакате може да го изоставите овој чекор. Измешајте ги состојките и додајте 100 мл масло, па 350 мл млака вода, која треба да се додава постепено.




Додајте го изренданото јаболко и измешајте ги состојките во еднолична смеса, па на крајот додајте го брашното со наросување на прстофат сол. Формирајте меко и фино тесто, нелепливо под прсти и оставете да стасува во садот кој го подготвувавте.




Кога ќе се надигне малку тестото, размесете го и оставете го на работна површина покриено со крпа да одмори уште 5 минути. Потоа развлечете го со оклагија со дебелина од 1 или 1,5 прст (како што е прикажано на видеото подолу).




Не го развлекувајте многу тенко за при печење крофничките да ви успеат. Земете една ракиена чашка и вадете крукчиња од тестото и редете ги на плех обложен со хартија за печење. Секако крофничките може да ги правите и поголеми по желба, но имајте на ум дека тие ќе пораснат при печење.




Излегуваат навистина многу крофнички, така што ќе треба да ги печете на два или трипати. Пред да се стават на печење се оставаат уште 5 минути да одморат, па тестото се премачкува со масло и вода и се наросуваат со цимет по желба.

Се печат само 20 минути додека да поруменат и да фатат коричка, на 200 степени. По печењето уште еднаш се премачкуваат со вода на собна температура за да бидат крцкави од надворешната страна и веднаш се валкаат во шеќер и мелени ореви или некои други јатки по ваша желба.

Со овие крофнички може да експериментирате. Тоа што во самата смеса се користи јаболко ги прави флексибилни за испробување на различни вкусови. Секако, шупливи, какви што се, се многу вкусни, но може да ги пробате и полнети со чоколаден крем или пудинг од ванила. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.