Рецептот на Самира е совршен рецепт кој може да го направите за некоја од престојните слави или за вечера. Питата е многу сочна, а за тоа е заслужен крајниот прелив кој се излева врз неа, пред да се стави на печење. Уште се нарекува и „квасна пита“, иако не содржи квасец во неа.



Пробајте и нема да згрешите со овој рецепт. Питата се состои од три делови: рецепт за тесто, за фил и за прелив. За овој рецепт се користи плех со пречник од 34 см. Ќе ви бидат потребни следниве состојки:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 250-300 г брашно, 1/2 лажичка сол, 200 мл млака вода или помалку за замесување на потврдо тесто.

ЗА ФИЛ: 3 јајца, 300 г сирење, 200 г милерам или кисела павлака (помрсна), 3 лажици растопен путер или масло, 1/2 лажичка сол, 6 лажици гриз, 4 лажици пченкарно брашно. Питата може да се прави и без брашно, само со гриз, во тој случај се става 10-11 лажици гриз.




ЗА ПРЕЛИВАЊЕ: 1 мала лажичка масло, 200 мл неутрална павлака, 100 мл млеко. ПОСТАПКА: За подготовка на тестото не ви се потребни многу намирници, како што може да видите и погоре, се прави мало тесто (јуфка) на следниот начин.




Од 300 г брашно, се одзема малку, околу 50 г и се става во подлабок сад. Остатокот од брашното, зачувајте го за подоцна. Во брашното додајте 1/2 лажичка сол и постепено додајте нешто помалку од 200 мл млака вода.

Замесете го тестото со рака додека да не се лепи, па потоа префрлете на набрашнета површина и уште малку доработете го додека тестото да стане еластично (приближно 5-10 минути).




Вака подготвеното тесто се враќа во садот каде што го замесивте, се намастува со малку масло и садот се покрива за да не се суши. За филот: На рингла растопете 3 полни лажици масло и оставете малку да се подолади. Во друг сад изматете 3 јајца со жица, посолете ги, па додајте 200 г кисела павлака (или милерам), па набрзина измешајте.




Додајте го сирењето (може да биде и крем сирење или некое друго сирење кое го користите за пита „сирница“). Измешајте ги состојките додека да се формира течна смеса, без грутчиња, па додајте го растопениот путер. На крајот се додава гризот и брашното.




Филот треба да биде погуст, а како што напомена Самира во рецептот може да се стави само гриз. Кога тестото ќе одмори, потребно е да го развлечете, но ако имате време може да го размесувате на два-трипати и да оставате да одмори, за развлекувањето да биде полесно.

На рамна површина, се набрашнува, па се става тестото и со оклагија се развлекува најтенко што можете, во поголем круг. Тестото малку се намастува, па се остава уште малку да отстои, неколку минути. Тестото треба да биде тенко и се развлекува преку цела голема маса (како што е прикажано на видеото подолу).

Тестото се сече на ленти, прво се сече вертикално со пречник од 25 см или според големината на вашата работна маса. Секој пресечен дел (во форма на квадрат) се превиткува на половина (погледни видео) и на превитканиот дел се става по една топка од филот, па се витка од сите страни во коцка. На истиот начин се подготвува, додека да го потрошите целото тесто.

Коцките (кои личат на спакувани сарми) од тесто се редат во плех една до друга и малку се намастуваат, па се става на печење во претходно загреана рерна на 220 степени, околу 20 минути.

За преливање: на рингла измешајте го млекото со неутралната павлака, додајте малку масло, па кога ќе зоврие, тргнете од рингла. По изминатото време, на печење на питата, млекото прелијте го врз питата, па вратете во рерна на 2 минути.

Потоа оставете да отстои уште 10 минути покриено, па се послужува со салата по желба. Питата може да се прелие и со домашен кајмак. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.