Ликерот од чоколадо е пијалак кој слободно можеме да го наречеме “женски” иако ни посилниот пол не е имун на овој ароматичен, чоколаден напиток.

Ликерот од чоколадо содржи малку алкохол во густата чоколадна комбинација. Сладок е и со задоволство се пие. Потсетува на топло чоколадо со рум, но се послужува разладен…. меѓутоа грее одвнатре.

Рецептот е едноставен. Потребни се половина час од вашето време, а се густира пред јадење или со кафе. Сладок, ароматичен пијалак за секоја пригода.

РЕЦЕПТ:

Потребни состојки:

1 литар млеко

300 г шеќер

500 мл рум или ракија

100 г какао во прав

1 пудинг од чоколадо

ПОСТАПКА:

1.Измешајте го какаото и пудингот со 200 мл млеко. Смесата не смее да има грутки.

2.Преостанатата количина млеко, ставете ја на оган заедно со шеќерот. Оставете да зоврие.

3.Намалете го огнот, и со постојано мешање додавајте ја смесата со пудингот.

4.Кога ќе згусне, тргнете од огнот и додадете го алкохолот.

5.Добро промешајте, а ако треба вратете уште малку на оган, за да се соедини убаво.

Изладениот ликер се складира во стаклени шишиња и се чува во фрижидер. Ако ликерот се згусне многу, слободно додадете му уште малку алкохол и протресете го шишето.

Ликерот мора да отстои во фрижидер најмалку 5 дена пред послужување. Но доколку сте нетрпеливи, оставете го барем една ноќ за да можат вкусовите да се соединат.

Бидејќи содржи млеко, не го оставајте долго вон фрижидерот, за да не се расипе.