Запишете си го овој рецепт, бидејќи брзо ќе дојде сезоната на модри сливи, црвени сливи и други видови вкусни сливи, па ќе сакате на најлесниот начин да си приготвите вкусен џем. Се приготвува за релативно брзо време и воопшто не е комплицирен ниту напорен за правење.
Џемот од модри сливи има специфичен, неодолив вкус кој совршено одговара за разни слатки, торти, палачинки, на лепче… Овој рецепт е за наједноставната подготовка која не бара постојано да мешате и да стоите врз шпоретот. Џемот, едноставно се пече во рерна. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 кг модри сливи и 600 г шеќер. Совет: Доколку приготвувате џем од црни-модри сливи кои не се премногу слатки, за нив на 3 кг приближно се става 1 кг шеќер. Затоа, многу е важно да ги пробате сливите за да ја оцените нивната слаткост.
Дополнително: може да додадете пред крајот и 150 мл рум за вкус, 2-3 ванилин шеќер (малку цимет) и 20-тина мл вински оцет ( ½ филџан за кафе) кој се става 15-тина минути пред крај за да има џемот убава црвена боја, мирисот испарува и не се чувствува (по желба, не е споменато во видеото).
ПОСТАПКА: Модрите сливи убаво измијте ги во неколку води, а потоа преполовете ги и исчистете ги од семките. Ставете ги во некое големо и широко тенџере. Рерната вклучете ја да се загрева на 250 степени. Исчистените сливи ставете ги на оган на рингла само колку да провријат, една минута.
Овој чекор можете и да го прескокнете (и директно да ги ставите во рерна). За тоа време рерната убаво ќе се загрее. Провриените сливи вратете ги во тенџерето во кои ќе се печат, па ставете ги во загреаната рерна. Некаде на половина од печењето извадете ги, ќе забележите дека го пуштиле сокот.
Додајте половина килограм шеќер а по потреба додајте уште (оценете сами). Промешајте и вратете во рерна да се допече. Повремено проверувајте и промешувајте го џемот, приближно на секој половина час откако ќе започнете со печењето.
Во зависност од сочноста и сортата на сливите, џемот треба да се готви приближно 2-3 часа. Кога мислите дека е готов, извадете малку на тацна и оставете да излади, па проверете ја густината.
Врелиот џем собирајте го во тегли и затворајте ги и превртете ги наопаку за да се вакумираат. Оставете ги да изладат до послужување. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.