Празникот Света Троица се празнува три дена и сите три се означени со црвени букви во православниот календар. Македонската православна црква и нејзините верници денес го слават Духовден вторник.
Тоа е третиот ден од еден од најголемите празници што ги знаеме како Духовден, Света Троица или Слегување на Светиот Дух врз апостолите, кој се празнува на 50-тиот ден по Велигден и десеттиот ден по Спасовден. Исто како и вчера, така и денес, овој датум е испишан со црвени букви.
Празнувањето продолжува во текот на целата недела, а тоа е таканаречената „несмасна“ недела кога воопшто не треба да се пости, односно треба да се јаде сè. Имено, се верува дека на оние кои постат сè ќе им тргне наопаку во текот на цела година.
На празникот Слегување на Светиот Дух врз Апостолите, подот во храмовите се покрива со трева, а гранките од липа или некое друго дрво се потпираат на ѕидовите. Иконите се украсуваат со цвеќиња.
Овој обичај потекнува од првите христијани, кои пак, го презеле од Евреите, кои на празникот Педесетница ги украсувале своите богослужби и куќи. Ова се правело за потсетување на времето кога преку Мојсеј ги примиле Десетте Божји заповеди.
Исто така, китењето со гранки ги потсетувало и на времето кога заедно со Мојсеј талкале во пустината по бегcтвото од Египет, бидејќи во пустината живееле во колиби направени од гранки и лисја.
На Духовден во храмот народот плете венци од трева, кои потоа ги носат дома и ги оставаат покрај иконата и лустерите, а многумина ги носат во торбите и автомобилите.
Мали венчиња за среќа и напредок многумина ставаат во џебови и чанти, и иако тоа е обичај од понов датум, во суштина ја продолжува старата традиција.