Рецепт на Валентина Делиманчева Андреева. Многу вкусен зебра колач кој може да го јадете и во посните денови. Во продолжение ќе ви претставам уште еден рецепт, а вие одберете кој повеќе ви се допаѓа да си го направите. Со овој колач нема утка, совршен е!
Во рецептот се користи газирана вода, но јас употребив прилепска газоза, па мирисот и вкусот на тортата излегоа преубави”, ни откри Валентина и додаде:
„Кога ја извадив од рерна печената торта веднаш ја премачкав со мармалад. Пробајте, нема да се покаете. Состојките само добро измешајте ги, а во половина тесто ставете какао. Тестото не смее да биде течно.
Употребете тавче бр. 30 намастено и наросено со брашно и многу внимателно со лажица наизменично ставајте од тестото почнувајќи од средината на тавчето без да ви подлизнува за да добиете ефект на зебра…” Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 чаши (од 200 мл) газирана вода, 1 чаша шеќер, 1 чаша масло, 1 кесичка ванилин шеќер, 4 чаши брашно, 1 прашок за печиво, 2 лажици какао.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад за матење ставете ги водата, шеќерот, маслото и ванилин шеќерот, па изматете го со жица или со виљушка. Оставете ја смесата да одмори 5 минути.
Потоа постепено додајте го брашното и прашокот за печиво. Убаво промешајте додека смесата да се соедини и изедначи, а потоа поделете ја на два делови. Во едниот дел додајте какао и убаво промешајте целата смеса да стане кафеава.
Во намастен и наросен со брашно калап бр. 30 во центарот (средината на калапот) ставајте со лажица наизменично од белата и од црната смеса, се додека да се потроши целата количина.
Тортата ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу половина час. Додека е топла печената торта премачкајте ја со мармалад по ваш избор и наросете со шеќер во прав.
(втор рецепт) Колачот е толку вкусен што ќе го приготвувате и во денови кога не постите. Едноставен и многу брзо се приготвува.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 550 г брашно, 1 прашок за печиво, 450 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 2 лажици какао прав, 500 мл вода и 300 мл масло. ПОСТАПКА: Во еден сад ставете шеќер, ванилин шеќер, масло и вода, па мешајте додека да се соедини.
Измешајте го прашокот за печиво со брашното. Постепено додавајте го во смесата и матете. Смесата поделете ја на два делови, а во едниот ставете какао во прав и добро промешајте.
Во намастен плех или калап со пречник од 34 см, прво ставете три лажици од кафеата смеса, во центарот. Потоа ставете три лажици од белата смеса, исто во центарот, и продолжете наизменично да ставате по три лажици од двете смеси, додека да се потрошат количините. Шарената смеса се разлева од центарот кон краевите. Колачот ставете го во претходно загреана рерна на 180 степени и печете 15-20 минути.