Ова е најлесниот и најбрзиот начин како да направите вкусен и здрав сладолед, три различни вкусови од една основа. Потребни ви се само четири состојки кои нема да ве чинат многу, а ќе го добиете највкусниот десерт за целото семејство, за само десет минути.




Можете да бирате вкус каков што сакате, а различните слоеви можете да ги јадете и помешано. Дополнително, заедно со овој рецепт за ладен десерт, ќе ви откриеме што треба да направите за да не ви фаќа сладоледот кристалчиња. Овој метод може да се примени за кој било рецепт за домашен сладолед.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5-6 зрели банани, 9-10 крупни јагоди, 3 супени лажици течен мед (ако е кристализиран, растопете го така што теглата ќе ја ставите во топла вода), 2 супени лажици органско какао во прав




ПОСТАПКА: Бананите излупете ги и исечете ги на тркалца, поделете ги во три различни кесички и замрзнете ги. Потоа, едниот дел банани изблендирајте ги (користете силен блендер кој може да меле мраз).




Во банаите додајте ги јагодите и една лажица мед (или по вкус, може неколку урми кои даваат убав сладок вкус). Миксајте додека да добиете фина кремаста маса. Излејте во едниот агол во сад кој ќе го подигнете малку под агол или вертикално.




Во вториот дел изблендирајте ги бананите со една лажица мед, а во третиот дел изблендирајте ги бананите со какао и една лажица мед. Во садот излејте ја прво смесата со јагоди, па онаа само со банани и на крај чоколадната (смесата со какао, во која ако сакате може да додадете и чоколадни трошки.




После секое истурање на смесата садот држете го во замрзнувач за да не се растопи додека ја правите следната смеса. Готовиот сладолед чувајте го во замрзнувач сè до послужување. Во десертната чаша можете да ставате топки од трите различни видови и да декорирате со шлаг. А она што сите ги интересира, е што треба да се направи за да не фаќа кристалчиња откако сладоледот ќе се стави во замрзнувач.




Без разлика дали сладоледот ќе го правите со јајца или без јајца, со јогурт, павлака или како претходниот со смрзнати банани, по некое време тој фаќа кристалчиња, а кои на многумина не им се допаѓаат. Тое е единствената разлика помеѓу домашниот и купечкиот сладолед (освен што во купечкиот ставаат желатин и разни емулгатори и стабилизатори).




Меѓутоа, постои начин, како и домашниот да биде мазен и кремаст како купечкиот. Трикот е многу едноставен: додека се лади сладоледот, потребно е да го извадите и неколкупати, на секој половина час да го измиксате. Но, сигурно се прташувате, како ќе го измиксате трослојниот сладолед?




Има уште подобар метод од миксањето, а тоа е – добро да се затвори садот со проѕирна-стреч фолија, така да не може да влегува воздух во садот и да допре до сладоледот. Ако навистина добро го затворите садот под капакот, тогаш нема да се формира ниту едно кристалче, пишува НМД.