I РЕЦЕПТ – Шарен куглоф прелиен со чоколадо – вкусен и мек колач, брз и лесен за подготовка. Фотографија и рецепт на Родна Трпеска. Куглофот е секогаш актуелен, лесно се приготвува со намирници кои секогаш ги имаме дома, мек и вкусен за јадење.

Потребни состојки: 4 јајца, 1 шолја (од 150 мл) шеќер, 1 шолја млеко, ½ шолја масло, 1 лимон – рендана кора, 3 шолји брашно, 1 прашок за печиво, 2 лажици какао во прав Постапка: Јајцата се матат со една шолја шеќер додека да се стопи шеќерот и смесата да стане пенлива.

Се користи шолја од 150 мл и понатаму сè се мери со неа. Во матените јајца се додава една шолја млеко, половина шолја масло и рендана кора од еден лимон (претходно лимонот добро измиен со сода бикарбона). Потоа во смесата се додаваат три шолји брашно помешано со еден прашок за печиво.

Се меша додека да се добие изедначена смеса. Потоа се дели на два дела, а во едниот дел се додаваат две лажици какао и се промешува за да се добие кафеавиот дел. Во намастен калап се истура наизменично од двете смеси или се става едната па другата.

А може и со дршка од некоја дрвена лажица сами внатре промешувате за да направите шари. Куглофот се пече 40 минути во претходно загреана рерна на 180 степени. Печениот колач може одозгора да се полие со чоколадна глазура или само да се нароси со шеќер во прав.

II РЕЦЕПТ – Шарен куглоф – Со едноставна постапка направете го овој вкусен и убав колач. Многу декоративен, но пред се’ – вкусен куглоф. Потребни состојки: 3 јајца, 200 г шеќер, 2 ванилин шеќер, 250 мл масло*, 375 мл млеко + 1 лажица, 450 г брашно, 1 прашок за печиво, 15 г какао.

Постапка: Изматете ги јајцата кои претходно сте ги оставиле на собна температура и постепено додавајте шеќер. Матете додека да добиете густа и светла смеса, па на крај додадете ја и ванилата (јас користев шеќер од трска и ставив само 150 г зошто не сакаме многу благо, а за вас кои сакате послатко, ставете 200 г).

Додавајте постепено масло со постојано матење и на крајот додадете млеко и соединете убаво сето заедно. *Можеби за некого ова е премногу масло, јас овој куглоф еднаш го направив со помалку масло, но тогаш ми излезе малку сув, па така препорачувам да ја ставите целата количина масло, колку што е препорачано во рецептот.

Брашното просејте го заедно со прашокот за печиво. Со жица за матење соединете го брашното со течната смеса, додавајќи по малку, па кога ќе ја соединете првата количина, додадете го и преостанатото брашно. Кој сака може да додаде и рендана кора од лимон или портокал.

Во мала чинија ставете лажица млеко па додадете какао и растопете го во млекото. Целокупната смеса поделете ја на два дела (Кај мене имаше малку повеќе од 600 г секој дел), па во едниот дел додадете го какаото и добро соединете го со смесата.

Калапот за куглоф (најголемиот што го имате) добро испрскајте го со спреј за печење или намастете го со путер и малку набрашнете го. Со лажица наросете од белата смеса насекаде по дното (околу 3 до 4 лажици), а потоа наизменично истурајте кафеава и бела смеса се додека да ви се потроши материјалот.

Вклучете ја рерната на 175-180 степени додека го полнитекалапот, а додека да завршите, рерната ќе се загрее. Печете го куглофот околу 45-50 минути. Пробајте со тенка игла за плетење дали колачот е испечен (ако е влажен и иглата не е чиста, вратете го на пониска температура за да се допече).

Кога ќе се испече колачот, оставете во калапот малку да излади, а потоа свртете го на решетка и оставете го целосно да излади. Куглофот можете да го прелиете со растопено чоколадо или само да го наросите со шеќер во прав, секако е многу вкусен.

III РЕЦЕПТ – Најубавиот куглоф со ореви и пудинг од ванила. Најмекиот и најмирисниот куглоф, со сечкани ореви и пудинг од ванила. Ќе уживате во секој залак. Може да го приготвувате за секој ден, но и за некои свечини пригоди, доста е декоративен и многу вкусен.

Потребни состојки: Состојките се мерат со шолја од 200 мл. 4 јајца, 1 шолја шеќер, 1 ванилин шеќер, 1 шолја масло, ½ шолја јогурт, ½ шолја млеко, 2 шолји брашно, 1 пудинг од ванила (не треба да се вари), 1 прашок за печиво и 1 шолја сецкани или мелени ореви.

За калап да се премачка добро и нароси: 30 г маргарин/путер или 2 лажици масло, малку брашно. Постапка: Намачкајте го калапот со маргарин или масло и наростете го со брашно. Вишокот истресете го. Вклучете ја рерната на 180 степени да се загрее.

Изматете ги јајцата (без одвојување на белките), додадете шеќер и ванилин шеќер па продолжете со матење. Додадете ги сите останати состојки, прво течните па сувите (прашокот од пудингот измешајте го до останатите суви состојки) и полека со лажица промешајте.

Добиената смеса излејте ја во куглоф и печете околу 40-60 минути. Оставете малку да излади, извадете од калап и наросете со шеќер во прав. Исто така, можете да го прелиете со чоколадна глазура или овошна глазура, или пак, ројал/глазура (изматен снег од белка со шеќер во прав додека да се постигне посакуваната густина).

IV РЕЦЕПТ – Тирамису куглоф за 20 минути готов – Истиот рецепт може да се послужи во чаша или друга форма. Рецептот е многу едноставен, само потребно ви е маскарпоне сирење и ликер од бадем, кои на овој десерт му даваат специфичен вкус.

Оригиналниот рецепт се послужува во чаша, но вие можете смесата да ја спакувате во било каква форма. Овојпат јас се одлучив за куглоф. Потребни состојки: 5 жолчки, 150 г шеќер во прав, 500 г маскарпоне (или домашно крем сирење), 30 мл амарето – ликер од бадеми, а може и рум, 1 филџан кафе, 1 пакување пишкоти, 2 лажици какао за наросување.

Постапка: Жолчките добро изматете ги со шеќерот додека да станат пенасти, потоа продолжете уште неколку минути да ги матите на пареа додека да се зготват и да се згуснат убаво. Оставете ги да изладат, па додадете го маскарпонето и со жица убаво соединете ја смесата.

Пишкотите натопувајте ги во мешавина од кафе и амарето. Се реди еден ред пишкоти, па ред крем, ред пишкоти, ред крем…или кој како сака. Ако правите правоаголна форма, може најпрво да го обложите калапот со пишкоти, на дното и странично, па да го истурите кремот.

Пишкотите можете да ги редите во два слоја или да ги набоцкате вертикално. Истото важи и доколку послужувате во чаши. Ако правите куглоф, тогаш обложете го со проѕирна фолија и пред послужување добро изладете го. Одозгора се наросува со какао во прав./Coolinarika.com

V РЕЦЕПТ – Нутела МРАМОРЕН КУГЛОФ – едноставен и брз. Ова не е обичен мраморен куглоф, туку куглоф со нутела. Децата го обожаваат. Потребни состојки: 250 г путер или маргарин, 250 г шеќер, 5 јајца, 500 г брашно, 1 ¼ лажичка прашок за печиво, 250 мл млеко, 200 г нутела, 1 лажица рум.

Постапка: Пенасто изматете го путерот со шеќерот. Додавајте едно по едно јајце и понатаму матејќи со миксерот. Измешајте го брашното со прашокот за печиво. Наизменично додавајте млеко и брашно во смесата со јајца. Изматената смеса поделете ја на два дела.

Во едниот додадете рум, а во другиот нутела. Смесата излејте ја во намастен и набрашнет калап за куглоф, и тоа прво жолтиот дел, па потоа темниот. Со виљушка малку измешајте ги смесите за да се добие мраморен ефект. Ставете да се пече на 180-200 степени околу еден час или прилагодете според вашата рерна.

Колачот може да се пече и во обичен четвороаголен плех, а одозгора може да се прелие со чоколадна глазура. Напомена: Наместо млеко може да се стави јогурт, наместо прашок за печиво може да се стави сода бикарбона, а нутела по вкус, може и само 4 супени лажици. По желба може да додадете и 100 г лешници./Сoolinarika.com

VI РЕЦЕПТ – ЗИМСКИ КУГЛОФ СО ПАРЧИЊА ПОРТОКАЛ – Најдобриот ароматичен куглоф кој ќе го пробате сезонава. Рецептот за овој прекрасен, ароматичен куглоф со портокали го објави нашата драга Рената Трајчевска во нашата и ваша група НМД рецепти.

Фотографија и рецепт на Рената Трајчевска. Потребни состојки: (Мерките се со чаша од 250 мл), 4 јајца (Л величина), 1 чаша интегрален, кафеав шеќер, ½ чаша бел шеќер (може и без него), 1 чаша маслиново масло, 2 чаши јогурт, 4-5 портокали, излупени и сечкани на коцки,

Потоа, 4 чаши брашно (јас користев 2 чаши оризово и 2 чаши бело брашно), 1 прашок за печиво, 2 ванилин шеќер, 1 прстофат (1/8 лажичка) мускатно оревче, 1 прстофат (1/8 лажичка) мелен анасон, рендана кора од портокал по желба. Постапка: Јајцата се матат пенасто заедно со шеќерот додека тој да се растопи и да добиете густа смеса.

Постепено, една по една се додаваат останатите состојки и убаво се промешува за да се изедначи смесата. На крај се додаваат сечканите портокали и се зачинува по вкус со мускатно оревче и мелен анасон. Се промешува и добиената смеса се излева во претходно намастен и набрашнет калап за куглоф.

Се пече во претходно добро загреана рерна на 180 степени околу еден час или печењето прилагодете го според вашата рерна. Доколку е потребно, на половина од печењето одозгора покријте го со фолија. Проверете со чепкалка или тенка долга игла, треба да излезе чиста откако ќе го боцнете куглофот.

VII РЕЦЕПТ – Неверојатно нежен и вкусен КУГЛОФ, мек, сочен и лесен. Неверојатно нежен и вкусен куглоф. Многу е мек и сочен, лесен… како да е купечки, а домашен. Се приготвува многу брзо и едноставно, со овој рецепт не можете да погрешите.

Потребни состојки: 4 јајца, 200 г шеќер, 100 мл масло, 100 мл топла вода, ½ прашок за печиво, 200 г брашно, 1 ванилин шеќер, 1 лимон – кора, 2 лажици какао. Постапка: Одвојте ги белките од жолчките. Од белките измиксајте цврст снег. Во друг сад измиксајте 150 г шеќер со 4 жолчки, додека да добиете густа, светла, пенлива смеса.

Потоа постепено додавајте вода и ванилин шеќер – смесата преба да остане пенаста. Со лажица додадете брашно претходно помешано со прашок за печиво, рендана кора од лимон, масло и нежно промешајте. На крај со превртување на лажицата, соединете го снегот од белки.

Одвојте една третина од смесата и додадете какао и 50 г шеќер, изматете со миксер или со жица за да соедини добро. Ќе добиете темна смеса. Во намастен и набрашнет калап за куглоф излевајте наизменично светла и темна смеса. Или прво излејте ја светлата смеса, па во неа излејте ја темната, а потоа со виљушка лесно промешајте за да добиете шари.

Рерната загрејте ја на 180 степени и ставете да се пече куглофот околу 40 минути. Печениот колач откако малку ќе подизлади, извадете го од калапот и наросете го обилно со шеќер во прав или направете чоколадна глазура, па прелијте ја врз изладениот куглоф и наросете по желба со сечкани ореви./Coolinarika.com

VIII РЕЦЕПТ – ВАНИЛА КУГЛОФ – ПОУБАВ ОДАМНА НЕ СУМ ПРОБАЛА. Прекрасен куглоф со вкус на ванила, послужете го со кафе, сок или чај. Потребни состојки: 3 јајца, 150 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 200 мл јогурт, 200 мл масло, 1 лимон – рендана кора, 250 г остро брашно, 1 пудинг од ванила, 1 прашок за печиво.

За наросување: шеќер во прав. Постапка: Јајцата изматете ги со шеќерот и ванилин шеќерот додека да станат пенасти. Додадете јогурт и масло. Во течната смеса додадате го и брашното помешано со прашок за печиво и прашокот од пудингот. Сето убаво промешајте го за да нема грутчиња.

Смесата излејте ја во добро намастен калап за куглоф. Израмнете и ставете во загреана рерна да се пече на 180 степени околу 40 минути. Печениот куглоф оставете да 5 минути да одмори, па превртете го врз чинија за послужување. Наросете го со шеќер во прав.

IX РЕЦЕПТ – Ваков куглоф не сте јаделе: се топи во уста, прелиен со црно и бело чоколадо. Фотографија и рецепт на Виолета Илиевска. Како мерка се користи филџан за кафе. Потребни состојки: 4 јајца, 4 филџани за кафе шеќер, 2,5 филџани масло, 2,5 филџани млеко,

Потоа, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, 5 филџани брашно, 3 лажици какао, ореви и други јаткасти плодови, суво овошје по желба. За декорација: бело и црно чоколадо, чоколадни трошки. Постапка: Јајцата се матат со шеќерот, се додаваат маслото и млекото, а потоа и сувите состојки.

Добиената смеса се дели на два дела: во едниот дел се додаваат 3 лажици какао и малку ореви. Се промешува добро за да се соединат состојките и да се изедначи смесата. Калапот за куглоф се намастува со путер, па во него прво се излева белата смеса, а потоа кафеавата смеса.

Со дршката од дрвена лажица се шара и се става на печење во загреана рерна на 180 степени. Дали е печен се пробува со тенка игла за плетење. Откако ќе се испече одозгора се прелива со црно а потоа и со бело топено чоколадо, па се наросува со чоколадни трошки или шарени, украсни трошки.