Веруваме дека домашните ручеци ви се највкусни, како што е случај и во нашето семејство. Ова јадење е толку многу вкусно, а дедо ми редовно го подготвува кога ќе нѐ повика сите на ручек кај него. Тој обожава да готви и секогаш ни подготвува некој вкусен специјалитет од кој сите се најадуваме.

Кога преспавме кај него во село, сите три дена го јадевме ова јадење. Тој со мерак го подготвува, а потоа сите му бараме рецепт за да си го подготвиме јадењето и дома. Имам уште неколку омилени јадења кои ги наследив од него, а тоа се специјалните ќофтиња , како и пилешко месо во зеленчук, но и лепињите кои се меки како сунѓер. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1-1,2 кг кртина од месо по избор, 5 компири со средна големина, 1 главица кромид, 100-120 г кашкавал, 1 лажичка сенф, 2 лажици мајонез, 2 лажици цврст јогурт или кисела павлака.

И УШТЕ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 2 јајца, 2 краставици, грст маслинки, неколку перца зелен кромид, 60 г конзервирана пченка, 1 лажица мајонез, 1 лажица цврст јогурт или кисела павлака, сол, зачини по вкус.

ПОСТАПКА: Поголемото парче месо исечете го на стекови со големина од 1,5 прст или нека ви ги пресечат парчињата во месарница. Се добиваат 10-тина парчиња месо, но во зависност од количината која сакате да ја подготвите, прилагодете ги намирниците по потреба. Наредете ги стековите на кујнска, дрвена даска и покријте ги со стреч-фолија.

Исчукајте ги со кујнско чеканче за подеднакво да омекнат. Изедначете ги прво од едната, па превртете ги од другата страна и повторете го истото. Потоа, посолете ги сите стекови од двете страни и зачинете ги со црн пипер. Кој сака, може да стави и лук во гранули/прав.

Добро натапкајте го месото со прстите за зачините да навлезат во него. Компирите измијте ги под млаз вода и доколку имате време оставете ги да отстојат во водата. Потоа, излупете ги и изрендајте ги на најситната страна од рендето. Пред да ги пренесете во подлабок сад процедете ги од водата и добро истискајте ги со раце.

Исечкајте 1 главица кромид на полупрстени. Подгответе си плех со средна големина каде што ќе ви ги собере сите стекови, по 5 во еден ред. Намастете го плехот, па како основа наредете ги ренданите компири и добро натапкајте ги за да се изедначат. По желба може претходно да ги посолите.

Врз компирите наредете го кромидот, па врз него стековите. Изрендајте 100 г кашкавал и измешајте со 1 лажичка сенф, 2 лажици мајонез и 2 лажици цврст јогурт или павлака. Соединете сѐ, па премачкајте го месото со овој прелив. Покријте со алу-фолија.

Вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени, па печете 20-30-тина минути. Во меѓувреме подгответе го прилогот: сварете 2 јајца додека жолчката да биде тврда. Исечкајте 2 краставици на коцки, а од маслинките отрстанете ја семката така што ќе ги пресечете на половина.

Исечкајте ситно неколку перциња млад кромид и соединете сѐ во подлабок сад. Додајте ја пченката, мајонезот, сенфот и цврстиот јогурт (павлаката) и посолете и зачинете по вкус. По изминатото време на печење на месото, отстранете ја фолијата и допечете уште 20-тина минути на истата температура.

Кога преливот ќе фати коричка, извадете од рерна и оставете малку да се подизлади пред послужување. Послужете со прилогот кој го подготвивте или со нешто по ваш избор. Деталите од целата постапка може да ги погледнете ОВДЕ.