Долго размислував дали да го објавам овој рецепт, но крајниот резултат е толку добар што би било штета да не го споделам со вас. Морам да признаам дека првпат правев локум и 4 од моите први обиди беа неуспешни. Затоа одлучив овој рецепт детално да документирам со фотографии, со сè.

Состојките се едноставни, а и постапката е многу едноставна и ништо не е комплицирано. Но, многу е важно да се погоди густината на сирупот и времетраењето на готвењето. Јас се потрудив и се надевам дека следејќи го моето упатство и вас ќе ви успее да го направите најдобиот локум во светот и тоа од првпат. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1100 г шеќер, 1300 мл вода, 150 г скробно брашно/нишесте/густин, сок од 1/2 лимон, по вкус: екстракти, боја, бадеми, ореви, кокос и други додатоци по желба. И уште: 150 г шеќер во прав и 100 г густин за валање.

ПОСТАПКА: Шеќерот сипете го во тенџере и додајте 400 мл вода. ставете го на оган и од моментот на зовривање варете го на умерена температура приближно 15-тина минути. Мора да ви испари една третина од течноста. Кога е готов, сирупот тргнете го настрана.

Остатокот од водата помешајте го со густинот, но така да нема ниедно грутченце. Сипете го во што пошироко тенџере и ставете го на оган. Полека додајте го сирупот и непрекинато мешајте додека го варите. Е, сега следи најважната фаза во изработката на локумот.

Оваа постапка трае најмалку еден час, а јас повеќе би го нарекла „пржење“ на тестото, како кога правите тесто за принцес крофни или еклери, само што постапката овде е многу подолга. Најважното кај оваа постапка е од смесата да испари што повеќе течност, а притоа да не ви загори.

Смесата многу брзо ќе згусне, како на пример, со густина на пудинг. Вие намалете ја температурата на средноумерена и крчкајте ја со повремено промешување.После половина час варење, кога смесата ќе ја црпнете со лажица треба да остане на неа, да не паѓа.

Следи уште половина час готвење, а за тоа време смесата ќе станува сè пожолта, погуста и поцврста. Кога ќе измине еден час вкупно готвење, додајте лимонов сок, екстракти по желба (јас користев од јагода и лимон и правев двојна доза).

Додајте и јаткасти плодови по желба, ореви, бадеми и сл., а можете да додавате и течни бои. Кога ќе ја изедначите убаво смесата, таа е готова. Добро намастете плиток сад или калап со бадемово или некое друго масло по желба, па излејте ја смесата.

Израмнете и оставете да се лади на собна температура. Дури после 24 часа можете да го сечете локумот. Се препорачува коцките да бидат со дебелина од приближно 3 см, но секако можете по желба. Направете мешавина од шеќер во прав и густин, па валајте ги коцките.

Најдобро би било коцките локум да ги наредите на хартиена салветка, малку да ги раздвоите и вака да ги оставите неколку дена да се сушат (ако сакате да ги консумирате за подоцна). Ако нешто сте погрешиле во текот на рецептот или смесата е премногу влажна, можете веднаш да ја консумирате како желе бонбони. Рецепт на Бетинна / Сооlinarika.сom