На каналот на јутјуб на Валентина Машковиќ може да се најдат многу здрави и вкусни рецепти со кои може да ја доведете вашата линија до совршенство, за неколку месеци. Валентина објави неколку рецепти кои може да ги правите за ручек и да ослабете без гладување. Неодамна ги објавивме рецептите за ручек со тиквички, диеталниот колач со чоколадо и лебот за слабеење.

Во продолжение може да прочитате вкусен рецепт кој може да послужи за вечера или како прилог на главното јадење. Вечерата треба да е лесна и да се јаде 3 часа пред легнување, за храната да може добро да се свари. Валентина вели дека со оваа салата  ослабела 10 килограми, во период од 1 месец.

„Со оваа салата ќе се чувствувате заситени и нема да гладувате,“ започнува Валентина. „Кој го прати мојот канал, добро знае дека оваа маица ми беше тесна, а сега има многу простор во неа. Овој оброк е многу здрав и со него заменете ја вечерата.“

Во салатата се додава и лимонов сок, кој е добропозната намирница за детоксикација на организмот. За да го поттикнете дополнително исфрлањето на токсините, може да додадете и едно парче корен од ѓумбир, но секако ова е опционално. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1/2 главица свежа зелка, 1 цвекло, 2 моркови, 2 кисели јаболка, 1 китка магдонос, 2 лимони, 50 мл маслиново масло или семки од грозје, хималајска или калиумова сол, црн пипер. Можете да додадете и парче рендан ѓумбир.

ПОСТАПКА: Сите зеленчуци и јаболката изрендајте ги или ситно исечкајте ги, без посебна термичка обработка. Зелката изрендајте ја на ренде, а истото направете го и со излупените кисели јаболка. Доколку сте скептични околу додавање на јаболката, може да ги изоставите и да ги изедете одделно од салатата.

Изрендајте, ситно исечкајте или измелете го цвеклото, заедно со морковите. Сите намирници соединете ги во подлабок сад или пластична кутија. Магдоносот исечкајте го на ситно, па додајте го во останатите состојки. Посолете ја салатата со хималајска или калиумова сол по вкус.

Потоа, запиперете малку, па процедете ги лимоните и закиселете ја салатата. Вака подготвената салата добро измешајте ја и веднаш послужете ја. Доколку ви остане повеќе, може да ја складирате во пластичен сад, добро да ја затворите и да ја изедете следниот ден како прилог со ручекот.

За да ја зачините дополнително и да добиете пикантен вкус, може да додадете едно парче ѓумбир, изрендан или ситно исечкан. Наша препорака е да користите ладно цедено масло, како маслиново или од грозје. Деталите од целата постапка може да ги погледнете ОВДЕ.