Торта „Јафа“
Тортата „Јафа“ е вистинска класика што освојува со својата богата текстура и совршен баланс на вкусови.
Оваа торта, со нејзините крцкави кори од ореви, кремасти бели и чоколадни филови, е идеална за секоја свечена пригода.
Иако бара малку повеќе време и труд, резултатот е десерт што ќе ги воодушеви сите љубители на слатки задоволства.
Во овој рецепт, традиционалните „Јафа“ кекси можат да се заменат со медени кекси со парчиња чоколада, за оние што сакаат поинаков вкус, пишува НМД. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:
За кори (2 кори):
– 12 јајца
– 12 лажици шеќер
– 24 лажици мелени ореви
– 3 лажици брашно
– 3 лажици лебни трошки (презла)
За бел фил:
– 1 литар млеко
– 10 лажици брашно
– 15 лажици шеќер
– 2 кесички ванилин шеќер
– 250 г путер или маргарин
За црн фил:
– 6 лажици шеќер
– 100 мл вода
– 150 г мелени ореви
– 100 г чоколада за готвење
– 125 г путер или маргарин
– НМД
Дополнително:
– 3 пакувања „Јафа“ кекси (или медени кекси со парчиња чоколада)
– Слатка павлака (по желба, за украсување)
– Чоколадна глазура (по желба, за преливање)
ПОСТАПКА:
1. Подготовка на корите
Белките изматете ги во цврст снег, постепено додавајќи го шеќерот. Потоа, една по една, додавајте ги жолчките, продолжувајќи да матите.
На крај, внимателно вмешајте ги мелените ореви, брашното и презлите со помош на шпатула за да се задржи воздушноста на смесата.
Поделете ја смесата на два еднакви дела и печете две кори во калап обложен со хартија за печење на 180°C, околу 15–20 минути, или додека корте не добијат златнокафена боја.
Оставете ги да се изладат, па секоја кора пресечете ја хоризонтално на половина за да добиете вкупно четири кори.
2. Подготовка на белиот фил
Од литар млеко одвојте 200 мл и во нив измешајте го брашното за да добиете мазна смеса без грутчиња.
Останатото млеко ставете го да зоврие заедно со шеќерот и ванилиниот шеќер. Кога млекото ќе почне да врие, додајте ја смесата од брашно и млеко и варете со постојано мешање додека филот се згусне.
Покријте го готовиот фил со проѕирна фолија за да не се создаде кора и оставете го да се излади. Изматете го путерот или маргаринот, па постепено додавајте го оладениот фил, мешајќи додека добиете кремаста и хомогена смеса.
3. Подготовка на црниот фил
Во помало тенџере ставете ги шеќерот и водата и варете ги околу 5 минути додека не се добие густ сируп.
Додајте ги мелените ореви и искршената чоколада, мешајќи додека чоколадата целосно се растопи. Оставете го филот да се излади, па во оладениот фил додајте изматен путер и изматете до хомогеност.
4. Составување на тортата
На чинија за сервирање ставете ја првата кора. Премачкајте ја со дел од белиот фил, па наредете ред „Јафа“ кекси (или медени кекси) кратко натопени во млеко или сок.
Врз кексите нанесете уште еден слој бел фил.
Поставете ја втората кора и премачкајте ја со црниот фил.
Потоа ставете ја третата кора, па повторно нанесете бел фил, ред кекси натопени во млеко или сок и уште еден слој бел фил. Завршете со четвртата кора.
Целата торта премачкајте ја со преостанатиот бел фил.
5. Декорација
По желба, тортата прелијте ја со чоколадна глазура или украсете ја со изматена слатка павлака. Оставете ја во фрижидер неколку часа пред сервирање за да се стегне и вкусовите да се соединат.
Совет
За уште поинтензивен вкус, можете да додадете малку рум или сок од портокал во течноста за натопување на кексите. Оваа торта е идеална за свечени моменти и сигурно ќе стане омилена во вашата кујна!