Не ви треба многу време и напор за да ги подготвите овие благи печива. Одвнатре се шупливи, но многу вкусни. Покрај тоа содржат малку шеќер и може да ги јадете колку сакате без чувство на вина. Рецептот е лесен и може да го направат дури и деца.




Покрај тоа имаат многу интересна форма, личат на ружички, а мојот сопруг вели дека се како ежиња. До ден денес не можеме да се погодиме околу нивното име, но за едно нешто се согласуваме, а тоа е дека и двајцата ги обожаваме. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 80 г шеќер, 100 г путер/маргарин, 350 г брашно, 1 мала лажичка прашок за печиво, 1 мала лажичка ванилин шеќер или ванилин екстракт, прстофат сол и шеќер во прав за наросување.




ПОСТАПКА: јајцата скршете ги во еден сад и разматете ги пенасто со жица или маталка. Додајте го шеќерот и продолжете да матите малку забрзано со рака додека тој да се растопи во јајцата. Идеално е јајцата и путерот да отстојат минимум 1 час на собна температура пред подготовка.




Додајте го растопениот путер или маргарин заедно со ванилиниот шеќер. Може да користите и ванилин екстракт. Брашното, прашокот за печиво и солта измешајте ги посебно, а потоа низ сито просејте ги во течната смеса од јајца. Постепено додавајте ги сувите состојки додека постојано матите со жицата за да не се формираат грутки.




Кога ќе го истресете целото брашно, мешајте со жица дур можете, а потоа формирајте го тестото со раце. Ова тесто е од оние тврдите, значи треба да го месите малку подолго време и да употребите повеќе сила при превиткување за да не ви се распаѓа кога ќе го развлекувате.




Тестото треба да биде мазно и нелепливо под прсти. Кога ќе го формирате со раце развлечете го во валјак и поделете го на 12-13 еднакви делови со тежина од 50 г. Секој дел развијте го во топче. Потоа започнете да го развлекувате целото топче во валјак, па со оклагија развлечете го во дебелина и ширина уште малку.




Лентата од секое тесто од едната страна пресечете ја на мали лентички до половина, да не се подели тестото и потоа завиткајте како ролат. Ќе добиете прекрасен декоративен изглед на овие печива, а на овој начин се печат многу побрзо однатре.




Наредете ги печивата во плех обложен со хартија за печење и печете ги во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 15-20 минути. Печивата треба да останат бели по печењето. Потоа оставете ги малку да се изладат под крпа, а пред послужување наросете ги со шеќер во прав.




По желба може да ги филувате со џем, нутела, пудинг или некој друг прелив по ваш избор помеѓу површините кои се вдлабнати. Но, и вака шупливи се многу вкусни. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.