Рецепт и видео презентација на Валентина Машковиќ – Магична зимска салата. Поздрав драги пријатели, почитувани домаќинки и домаќини. Малку е да се каже дека ова е рецепт за салата. Ова е лажица полна здравје. Верувам дека сите знаете сé за цвеклото, ротквицата (бела и црна), морковот и кромидот.

За тоа колку витамини, минерали и други корисни својства содржат во себе и колку сето тоа ни е потребно во зимскиот период. Ако досега не сте ја пробале оваа салата, тогаш мојот искрен предлог е да ја приготвите и да ја јадете со оброк или самостојно, како посебен оброк.

Оваа салата е одлична за сите, а особено за оние кои се на рестриктивна диета и кои сакаат да ослабат; може да ја јадат и дијабетичари бидејќи цвеклото содржи многу малку јаглени хидрати, како и останатите намирници кои се содржани, а преполни се со нутритивни состојки.

Па, доколку некој има дијабетес, како што има мојот сопруг, тогаш овој рецепт за оваа вкусна салата добро би му дошла. Јас многу размислував дали да ви го предложам токму овој рецепт, па можеби некому ќе му помогне и ќе му се допадне оваа салата и затоа се одлучив да ви го презентирам.

Јас не сум лекар, но оваа салата ја јадам уште како дете и можам да ви кажам дека освен што има одличен вкус, салатата е многу здрава. Затоа не го заобиколувајте овој рецепт, туку пригответе им го на вашето семејство. Постапката за приготвување не е тешка и нема да ви одземе многу време.

Потребни состојки: 500 г цвекло (две средно големи главици), 500 г рдовка (црна и бела), 300 г моркови (две големи) , 2 главици црвен кромид, 1 голем страк праз, китка магдонос, сол по вкус, малку маслиново масло и јаболкова киселина (или лимонов сок/балсамико) за зачинување на салатата.

Постапка: Цвеклото добро измијте го, излупете го, а потоа истото направете го и со рдовките (црната и белата ротква). Откако ќе ги излупите коренестите плодови, убаво измијте ги и исцедете ги. Потоа празот исечкајте го на половина надолжно, на па четири и на тој начин полесно ќе го исечцкате на коцкички.

Откако ситно ќе го исечете празот ставете го во еден длабок сад во кој ќе ја мешате целата салата. Потоа кромидот исечете го на многу тенки листови или на коцкички доколку сакате, по желба. Коренестите плодови исечете ги на половинки или четвртинки за полесно да ги рендате.

И на крај доаѓа најтешкиот дел, односно рендањето. Потребно е сите останати намирници: црната и белата ротквица, морковите и цвеклото да ги изрендате на крупната страна од рендето. Ова е најдобро да го правите директно во садот со останатите состојки за да се сочуваат соковите.

Ако не сакате да ви се офарбаат прстите од цвеклото, ставете раквици, меѓутоа и ако не ставите, оваа боја многу лесно се вади доколку се протриете со малку лимонов сок. Откако ќе го изрендате целиот зеленчук, на крај ситно исечкајте го свежиот магдонос, претходно добро измиен и исцеден.

Наместо лист од магдонос може да ставите и лист од целер, или комбинација од двете, што повеќе сакате. Додадете една до две лажички сол или по вкус, одозгора наросете јаболкова киселина и на крај маслиново масло. Секако, салата секој си ја зачинува по свој вкус.

Потоа убаво промешајте ја салатата за да се изедначат состојките и оставете ја на страна да отстои еден час. Во меѓувреме вкусете и додадете уште сол ако е потребно. После еден час зеленчукот ќе ги испушти соковите и ќе омекне. Можете веднаш да ја консумирате салатата.

Сервирајте ја во чинии и послужете ја. Но доколку сакате да оставите дел од салатата за подоцна, во тој случај земете неколку стаклени тегли и наполнете ги со салата без додавање на конзерванси. Оваа салата може да стои во фрижидер цели седум дена без да се расипе.

Едноставно само наполнете ги теглите, притиснете со лажицата за да излезе воздухот и да прелие течноста на површината. Добро затворете ги теглите и чувајте го во фрижидер. Цела недела ќе бидете снебдени со витамини и минерали. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.