Запечените тестенини со сирење е еден од оние рецептчиња кои први се научуваат и како таков е наменет за почетниците во кулинарството, а за нас малку поискусните е мало потсетување. јас ги правев после празниците, зошто веќе не знаев веќе што да готвам…

Преку глава ми дојдоа и месо и колачи на секакви начини…”Па дај фино, ама без месо, нешто да ставиме во уста… А, може и секој својата чинија да си ја земе и да продолжи да си ужива во омилената серија пред телевизорот…” Па, така и беше, им ги зготвив овие вкусни запечени тестенини со сирење.

I РЕЦЕПТ – Потребни состојки: 400 г тестенини со било каков облик, ситно сирење (јас имав 500 г, па целото го ставив, а обично ставам и помалку, може и фета сирење, па потоа е малку посилно, а вие ставете по желба), 3 цели јајца, 50-100 масло, 1 чаша кисела павлака од 180 г, 300 мл млеко.

Постапка: Во едно тенџере ставете доста вода, па кога ќе зоврие истресете ги тестенините и оставете ги да се варат 5 минути. Потоа процедете ги. Во посебен сад изматете ги јајцата и додадете малку сол. Потоа додадете масло, кисела павлака и млеко.

Промешајте добро за да се изедначат состојките. Во намастена тепсија или плех со средна величина (претходно намастен со малку масло) ставете третина од подварените тестенини, онака со лажица, рамномерно насекаде по дното распоредете, а потоа одозгора наросете половина од сирењето.

Преку сирењето повторно рамномерно распоредете третина од тестенините, па потоа одозгора наросете ја втората половина од сирењето. Може малку да посолите доколку сирењето не е доволно солено. На крај завршете со последната третина од тестенините.

Одозгора целата содржина прелијте ја со претходно изматената смеса од јајца и млеко. малку со лажицата израмнете за да биде сè убаво потопено. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени додека да испари течноста и се впие во макароните.

Пред крај, може и не мора, но ние сакаме одозгора да наросиме рендан кашкавал или некое друго тврдо сирење и да се оставите уште неколку минути додека да се растопи и запече. На овој начин со кашкавалот/тврдото сирење јадењето добива уште поубав вкус. / domacirecepti.net

II РЕЦЕПТ – Запечени макарони со сочно сирење – брзински оброк кој ќе го обожувате. Кој не ги сака макароните со сирење? А дури па кога ќе го додадете овој сос, мммм…задоволството е загарантирано. Рецепт и видео презентација на Домашен Готвач.

Потребни состојки: 2,5 лажички сол, 400 г макарони, 7 јајца, 500 г сирење, 7 лажици кисела павлака, 100 мл масло, трапист, сусам, 100 мл млеко.

Постапка: Во големо тенџере со зовриена вода ставете една лажичка сол и истурете ги во неа макароните. Промешајте добро. Во посебен сад скршете 5 јајца и со жица-маталка пенасто изматете ги. Сирењето ситно издробете го и додадете го во изматените јајца.

Во смесата со јајца и сирење додадете 7 лажици кисела павлака и 1,5 лажичка сол. промешајте за да се изедначи. Макароните процедете ги и ставете ги во огноотпорен сад или плех со средна величина. Одозгора прелијте ги со 100 мл масло и промешајте за рамномерно да се распореди.

Одозгора изрендајте малку трапист или кашкавал по ваша желба (и количината е по ваш избор). На крај преку макароните убаво распоредете ја претходно изматената смеса од јајца, сирење и кисела павлака. Промешајте добро за да може рамномерно да се распореди и одозгора израмнете.

Изрендајте уште малку кашкавал, па наросете го одозгора. Наросете и сусам. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 15 минути. На страна изматете 2 јајца со 100 мл млеко па со оваа смеса прелијте ги макароните одозгора и вратете ги во рерната да се запечат уште 10 минути. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.