Памук кифлички од кои цел дом ќе мириса неодоливо (Cinnamon Rolls). Цимет ролничките се едни од омилените слатки печива кои освен што се многу вкусни, тие исто така, неодоливо привлечно мирисаат.

Потребни состојки: 10 г сув квасец, 4 супени лажици шеќер, 250 мл млако млеко, 100 г растопен путер, 1 јајце, 450 г брашно, 8 г сол, (50 г кафеав шеќер + 1 кафена лажичка цимет). Ролчничките се печат во загреана рерна на 200 степени околу 25 минути, во плех со димензии 20х20 см.

Уште ќе ви биде потребно: 20 г растопен путер за премачкување на кората, 4 супени лажици шеќер во прав, сок од исцеден половина лимон, 1 лажица ванила и 100 г крем сирење (маскарпоне, мегле или некое друго неутрално свежо сирење по ваш избор).

Постапка: Во подлабок сад ставете 10 г сув квасец (една кесичка), 4 лажички шеќер, 250 мл млако млеко и 100 г растопен и подизладен путер. Убаво измешајте со жица маталка за да се соединат сите состојки, шеќерот да се растопи, а квасецот да се активира.

Потоа во смесата додајте едно јајце (кое отстојало на собна температура) па и него изматете го со маталката за да се соедини со останатите состојки. Во оваа течна мешавина постепено додајте 450 г брашно (просеано низ ситно) и една лажичка сол (8 г).

Убаво промешајте ја смесата со лажица додека брашното да ја впие сета течност и да добиете меко ровко тесто кое се одвојува од ѕидовите на садот. Продолжете да го месите тестото со рака додека стане мазно и компактно, па покријте го и оставете го да одмори 60 минути.

Откако тестото ќе стаса и ќе го удвои својот волумен, истресете го врз набрашнета површина и малку премесете го за да го формирате во топка. Потоа малку исплескајте го со прстите, па со помош на оклагија развлечете голема тенка кора (0.5 см) со правоаголна форма.

Настрана растопете 20 г путер, па со помош на силиконска четка премачкајте ја кората преку целата површина. Во еден сад измешајте 50 г кафеав шеќер и 1 лажичка цимет во прав (може и повеќе кој сака). Со оваа мешавина рамномерно наросете ја кората одозгора преку целата површина.

Потоа внимателно од една од подолгите страни започнете внимателно да го виткате ролатот. Краевите внимателно притиснете ги со прстите за да се залепи кората. Потоа ролатот исечете го на 9 еднакви парчиња, а секое парче со дебелина од приближно три прста.

Пригответе го плехот со димензии 20х20 см и намастете го со малку растопен путер, а потоа во него наредете ги ролничките. Покријте ги и оставете ги да одморат 40 минути додека да стасаат и да го удвојат својот волумен. Потоа ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, 25 минути.

Додека се печат цимет-ролничките, пригответе го преливот: Во еден сад ставете 4 лажици шеќер во прав, додајте сок од половина лимон и една супена лажица екстракт од ванила. Измешајте добро додека да се растопи шеќерот и соединат состојките.

Во оваа смеса додајте и 100 г свежо крем сирење (околу 3 супени лажици), па добро промешајте со додека сирењето да се растопи во течноста, а најдобро е да го измиксате со електричен миксер. Треба да добиете течност со конзистенција на густ течен јогурт.

Печените ролнички извадете ги од рерната и оставете ги на решетка. Додека се уште врели премачкјате ги со приготвениот крем. Вака натопени во слаткиот крем оставете ги да се оладат додека тој да се впие и стегне. Деталите од целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.