Кога го видов рецептот кај Валентина за потпечен качамак, веднаш се сетив на мојата баба која редовно ми го подготвуваше ова јадење. Таа ми велеше дека е многу здраво, а вкусот кој уште не сум го заборавила, ме тераше да посегнам по репете.




Качамакот е традиционално јадење, кое неправедно е заборавено, особено од младите домаќинки. Може да си го направите за појадок или вечера, а олеснителна околност е тоа што може да ставите намирници по ваш вкус или тоа што ви се наоѓа во фрижидерот. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар вода, 500 мл млеко, 1 лажичка сол, 50 мл масло (маст или путер), 300 г пченкарно брашно (или палента). За фил: 300 г праз, 1 црвена пиперка, 300-350 г сирење по ваш вкус, масло и зачини по ваш вкус.




ПОСТАПКА: Качамакот може да го направите во 3 варијанти, малку потечно или погусто. Можете да користите бело или жолто пченкарно брашно или палента. Останатите состојки ги ставате по ваш вкус, јас денес го подготвувам малку побогато.




Во тавче ставете малку масло да се загрее. Настрана измијте ја црвената пиперка и празот, избришете ги и исечкајте ги на ситно. Ставете прво да се пропржи празот, па потоа додајте ја црвената пиперка. На тивка температура, со повремено мешање, кога половина од празот ќе се испржи, додајте ја пиперката.




Не ги пржете многу, за да се почувствува нивниот вкус и арома. Пред крајот, зачинете по вкус со сол и останати зачини, па тргнете го тавчето настрана, малку да се подолади. На рингла ставете едно поголемо тенџере и во него прелијте 1 литар вода и 1/2 литар млеко. Кој сака, може млекото да го замени со вода и да прави помала количина.




Млекото и водата оставете да зовријат. Додајте 1 лажичка сол, но водете сметка колку сирењето ви е солено. Во млекото и водата, додајте 50 мл масло/свинска маст/путер. Јас сега подготвувам со обично масло.




Пченкарното брашно се додава постепено додека непрекинато мешање. Ринглата треба да ви биде вклучена на средна кон ниска температура, за да не ви претече млекото. Зошто е важно постепено да го додавате брашното? Секое брашно има различна моќ на апсорбирање, така што може ќе ви треба помалку или повеќе палента.




Кога ќе го сварите качамакот, тргнете од рингла и земете еден огноотпорен сад. Земете 100 мл масло и малку загрејте го на рингла. Рерната се вклучува да се загрее на 180 степени. Неколку лажички од загреаното масло ставете во огноотпорниот сад и убаво премачкајте.

Половина од качамакот ставете го во садот и убаво распоредете. Повторно загрејте го малку маслото измешано со малку слатка зачинска црвена пиперка, измешајте и прелијте преку првиот слој од качамакот. Додајте половина од подготвените пиперки и праз.

Малку покрупно распоредете го сирењето на коцки и зачувајте си малку за на крајот. Одозгора се прелива со втората половина од качамакот, убаво се распоредува, повторно се додава зачинска пиперка и масло, па се прелива со пржените пиперки и праз.

На крајот се реди уште малку сирење. Качамакот се пече на 180 степени, околу 15 минути. По печењето може да додадете уште малку сирење, запржена сланина, чварки и некое друго сувомеснато. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.