По неколкугодишно присуство и успешно работење на романскиот пазар, „Алкалоид“ АД Скопје регистрира ново друштво во Романија, со назив „Alkaloid Bucharest S.R.L.“. Друштвото е 100 отсто во сопственост на компанијата.

Ваквиот деловен потег е дел од долгогодишната развојна деловна политика на компанијата, во насока на главните стратегиски определби што се однесуваат на глобализацијата на брендот „Алкалоид“ и за зајакнување на постојните извозни позиции, особено на пазарите во Европската Унија.

Имајќи предвид дека повеќе од 65 отсто од пласманот на производите на компанијата се наменети за извоз, од исклучително значење е присуството на производствената програма на пазарите во ЕУ, како и проширувањето на нови пазари. Во таа насока, новоотворениот правен субјект е седми по ред што е основан во рамките на земјите-членки на Европската Унија.

„Алкалоид“ е присутен во Романија преку палетата на фармацевтски производи, како и преку програмата за хемодијализа, која вклучува неколку групи производи. Реализираните продажби за 2021 година на пазарот во Романија изнесуваа 212,5 милиони денари, а во првата половина од 2022 година компанијата забележа раст од 140 отсто на овој пазар, споредено со истиот период од минатата година.

Со ваквиот потег, „Алкалоид“ продолжува во насока на остварување на својата главна стратегиска определба – развој во деловните контури на извозно ориентирана компанија со стабилна пазарна позиција.