Фото и рецепт: Весна Себиќ

Ова е најлесниот и најбрзиот начин за добивање на мајонез. Многу лесно се приготвува, добивате една тегла која е доволна за тековна употреба.

Постојат рецепти за домашен мајонез кои се приготвуваат подолго време и потребно е долго матење, при што се добива поголема количина која мора да ја искористите најчесто за руска салата или слично.

Овој рецепт е едноставен, а добивате многу вкусен мајонез. Единствено што ви е потребно да имате дома рачен миксер, а останатите состојки сигурно веќе ги имате во кујната.

Потребни состојки:

1-2 јајца
1 лажичка сенф
½ лажичка шеќер
½ лажичка сол
1 лажичка оцет или лимонов сок
масло за јадење

Постапка:

Во една стаклена тегла скршете две јајца, додадете лажичка сенф, лажичка оцет или лимонов сок, по половина лажичка сол и шеќер и дополнете ја теглата ¾ со масло.

Потоа рачниот миксер ставете го до доното на теглата каде лежат јајцата и состојките и вклучете го.

За помалку од една минута ќе забележите дека смесата згусната и побелува, па тогаш започнете миксерот полека да дигате нагоре. Како ќе побелува односно ќе згуснува, миксерот подигнувајте го за 0,5-1 см нагоре додека да се формира целиот мајонез.

Значи она што е потребно за правење на овој мајонез е да се започне со рачниот миксер од дното и со кратки движења горе-долу да се стигне до површината. Сето ова трае околу 2 минути и вашиот мајонез е готов.

Фото и рецепт: Весна Себиќ