За појадок направете домашен сомун во тавче, заборавете на купечкиот леб и уштипците, ова е највкусниот досега – оригинален рецепт

Овие лепињи кој некој некој ги нарекува „сомуни“, многу добро одговараат со свежо сирење и кисела павлака, со некое мезе, но и со какви било други намази. Од нив можете да приготвувате и одлични сендвичи или пак, да ги виткате како полнета тортиља.




Потребни состојки: 900 г брашно, 300 мл топло млеко, 300 мл топла вода, 20 г сол, 20 г свеж квасец или 10 г сув квасец, маслиново масло, сечкан магдонос

Постапка: измешајте го брашното и солта и додајте го квасецот, добро изронет. Додајте млако млеко и со постепено додавање на млака вода замесете меко тесто. Покријте го садот со крпа или капак и оставете го да стаса додека да го удвои волуменот.




Откако ќе стаса, извадете го тестото од садот и ставете го врз набрашнета работна површина. Поделете го на осум еднакви дела и направете топчиња од нив. Секое од нив развлечете го со пречник од приближно 20 см.




Потоа загрејте нелеплива тава на умерена температура, малку намастете ја, па секое лепче печете го од двете страни додека да се надуе како балон и да добие убава златна боја.




Секое лепче штом го извадите, премачкајте го со маслиново масло помешано со многу ситно исечкан лист од магдонос. Прочитајте го и следниот рецепт за највкусните пишии по рецепт на нашите мајки и баби:




ПИШИИ – Рецепт на Николинка Касап

фото и рецепт на Николинка Касап

Потребни состојки: 300 мл јогурт, 1 лажичка сол, 1 лажичка шеќер, 1 лажичка сода бикарбона, 500 г брашно+по потреба додадете уште малку и ½ лажичка прашок за печиво




Постапка: со лажица измешајте го јогуртот со сол, шеќер и сода бикарбона. Потоа постепено додавајте брашно измешано со прашок за печиво. Убаво изматете со миксер со продолжетоци за тесто, а можете да го измесите и со рака.




Добиеното тесто поделете го на 6-7 топчиња, па покријте ги за да се одмори малку тестото. Подгответе ја тавата и загрејте го маслото. Со оклагија секое топче развлечете во поголем круг, приближно на величината на вашата тава.




Во загреаното масло пржете ги пишиите/мекиците неколку минути од едната страна, додека да се појават меури на горната, па свртете и допржете уште неколку минути. Готовите мекици послужете ги со јогурт, кисело млеко, сирење или нешто по ваш вкус. / Фото и рецепт: Николинка Касап. Прочитајте и како се приготвуваат грузиските лепчиња наречени хачапури:




Потребни состојки: 500 г сенаменско брашно (бело тип 500), 300 г јогурт, 20 г масло (2 лажици), 1 јајце, 2 г сода бикарбона ( ½ лажичка), 30 г шеќер (2 лажици), 10 г сол (2 лажички). За полнење: 400 г фета сирење, 200 г моцарела, 1 јајце, 2 г црн пипер ( ½ лажичка). И уште: 50 г путер/маргарин за премачкување на лепињите




Постапка: брашното просејте го. Извадете 3 полни лажици брашно од вкупната количина за полесно да се замеси тестото, и тргнете на страна. Во брашното додајте шеќер, сол, сода бикарбона и промешајте убаво со рака.

Во сувите состојки додајте го јогуртот, маслото и јајцето, па соединете ги состојките со кружни движења на прстите почнувајќи од средината кон нанадвор. Добро измесете ја смесата со рака, лажица или миксер со продолжетоци за тесто, без да додавате брашно.

Кога ќе се формира тестото, постепено додајте ги трите лажици брашно што ги тргнавте на страна. Формирајте топка и оставете го тестото покриено да одмори 10 минути. За тоа време изрендајте го сирењето и моцарелата, зачинете со црн пипер и промешајте. Додајте едно јајце во мешавината од сирења и промешајте со виљушка.

На малку набрашнета маса тестото формирајте го како векна и поделете го на 6 еднакви делови од 140 г. Формирајте топчиња и оставете ги покриени да отстојат 10 минути. Филот од сирење поделете го на 6 еднакви делови од по 110 г, па формирајте топчиња.

Од секое топче од тесто формирајте круг со пречник од 10 см. Во средината ставете топче од сирење, па обложете го со тестото. Потоа валкајте го во брашно и ставете го на страна. Малку со дланката притиснете го. Повторете ја постапката со преостанатите топчиња.

Вака приготвените лепчиња оставете ги покриени да одморат 10 минути. Нелеплива тава загрејте на најсилна температура 5 минути. За да проверите дали е добро загреана, истурете малку вода, па ако скокаат капките по површината на тавата, тогаш е постигната температурата за печење.

Лепчињата уште малку со раце притиснете ги или со помош на оклагија за да добијат пречник од 25 см. Ставете ја лепињата во загреаната тава да се пече една минута под капак. Потоа преврете ја на другата страна и повторно поклопете. Повторно превртете и печете уште една минута поклопено.

Кога лепињата ќе започне да се дуе како балон, тогаш тргнете го капакот. Нежно притинете ги краевите за да се испече рамномерно. Последен пат превртете ја лепињата и печете ја уште една минута. Печениот хачапури веднаш премачкајте го со растопен путер.

Loading...
Претходна статијаСладолед торта со целувки, готова за 15 минути а можеби и побрзо
Следна статијаАко скршите чинија, радост ви доаѓа в куќа: добро припазете да не го скршите овој предмет – Народни верувања