Поздрав до сите, се надевам дека сте добро. Денес ќе ви претставам еден нов рецепт за приготвување на меко тесто кое се разлистува и се пече во тавче. Овие питулици можете да ги приготвувате за појадок, вечера или закуска. Послужете ги со сирење и јогурт или со џем, мед или крем, подеднакво се вкусни и така да се јадат. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 200 мл): 2 чаши топла/млака вода (400 мл), 1 чаша топло/млако млеко (200 мл), < 1/2 чаша растително масло (90 мл), 2 супени лажици шеќер (40 г), 1 кесичка сув квасец (1 супена лажица/ 10 г), 1 лажичка сол (9 г), 7 чаши брашно (840 г), 200 г путер/маргарин.

ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете две чаши млака вода (400 мл) и една чаша млако млеко (200 мл), 90 мл масло, шеќер (40 г) и една кесичка сув квасец (10 г). промешајте за да се растворат состојките.

Потоа постепено додајте го брашното и солта. На почетокот мешајте со лажица додека брашното да се впие во течностите, а потоа замесете со рака. Месете неколку минути додека тестото да стане компактно и да се одвојува од ѕидовите. Тоа и натаму е меко.

Покријте го со стреч-проѕирна фолија и оставете го на топло место да стасува околу 45 минути до 1 час додека убаво да ферментира и да го удвои волуменот. Потоа малку премесете го и со набрашнети прсти истресете го на сосем малку набрашнета работна површина. Развлечете го со раце во дебела праволаголна кора, а потоа заролајте го во вид на векна.

Вака формираното тесто полесно ќе го поделите на 18 приближно еднакви делови. Од секое парче тесто формирајте топче. Путерот поделете го на 18 делови, па врз секое топче ставете по една лажичка путер. Вака топчињата оставете ги да одморат околу 5 минути.

После 5 минути со прстите размачкајте го путерот врз топчето и равлечете во мала кора со величина на тацна.

Редете ги по три една врз друга, така што третата кора треба да ја ставите со намастената страна надолу (горната страна да остане ненамастена). На овој начин ќе добиете 6 купчиња со по три топчиња/корички. Оставете да одморат 5 минути.

После 5 минути, секое купче повторно развлечете го прстите, овојпат во поголема кора, со величина на чинија. Кората здиплете ја собирајќи ги страните кон средината, а потоа со помош на дланките повтпорно формирајте топче. Потоа на малку набрашнета површина секое топче малку развлечете го со прстите за да ја формирате питулицата.

Загрејте нелеплива тава или плотна на умерен оган (регулирајте ја температурата, не смее да биде силна, ниту премногу тивка). Печете ги питулиците приближно по пет минути од секоја страна со две до три превртувања додека убаво да зарменат. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.