Најдобрата торта што сум ја пробала! Веднаш ја направив и сите што ја пробаа беа воодушевени од оваа торта без печење.

Потребни состојки: 24 бисквити (петит-бер), 4 пудинг од ванила, 8 лажици интегрален (кафеав) шеќер од трска или брезов, 1/3 путер од 250 г, 1.6 литар млеко, 1 ванилин шеќер, 1 тегла џем од капини, 1 лажица чоколадо во прав, 3 лажици кокос и ½ мала кесичка чоколадни трошки

Постапка: Во подлабок сад се става млекото, а се одвојува една шолја за да се замати пудингот во прав. Во млекото се става шеќерот и ванилин шеќер, па кога тоа доволно ќе се загрее, пред да зоврие се истура разматениот пудинг со постојано матење додека да згусне.

Во врелиот пудинг се додава путерот и се промешува додека тој да се растопи. Џемот од капини сама го направив претходно како зимница, пака што капините ги проврив со џем фикс или со лажица густин. Важно е капините да се почувствуваат дека се свежи а сепак да имаат густина.

Неколку лажици пудинг се одвојуваат за одозгора и им се додава чоколадото во прав и се остава на страна. Овој чоколаден пудинг ќе го искористиме на крај. На дното од длабок огноотпорен сад или друг соодветен сад, се редат 6 бисквити. Преку нив ставете ред капини, па ред топол пудинг.

Повторно ставете ред бисквити, па капини и пудинг и сето тоа уште еднаш повторете го. Треба да имате три реда капини и три реда пудинг. Одозгора ставете четврт ред бисквити и чоколаден пудинг кој претходно го приготвивме.

Наросете со кокос и чоколадни трошки, па оставете да излади во фрижидер. После неколку часови ладење, се сече тортата на коцки и се послужува. Тортата е лесна, вкусна и добро доаѓа овие топли денови, а може да го замени и сладоледот.

Напомена: количината на шеќер можете да ја зголемите ако сакате да ви биде повеќе блага. Овошјето може да биде свежо, а може и како желе кое одлично се надополнува со пудингот. Јас имав џем од капини и затоа го искористив, а вие можете да ставите од она што вие имате.