Македонска пита: рецепт стар еден век, се прави многу лесно и без оклагија

Рецепт и фотографии на Верче Илиоска. Ова е традиционална македонска пита стара преку 100 години. За нејзино приготвување не треба да имате посебни вештини за развлекување на тестото, ниту да тегнете тенки кори. Всушност, постапката за приготвување е толку многу лесна, што можете да ја правите заедно со вашите деца.

Питата е фантастична, лесно се прави и тоа само со раце, без помагала, без оклагија… најмеката пита која досега сум ја направила. Впрочем, направете ја и уверете се сами за каква пита станува збор. Можете да ја послужите со кисела павлака, јогурт, ајвар или некој намаз по ваш вкус.

Потребни состојки: околу 1 кг брашно, 400 мл топла вода, 1 коцка свеж квасец, 3 лажички сол, 2 лажички шеќер, 80 мл масло, 2 белки, 1 цело јајце, 150 мл масло за намастување на тепсијата, 300 г сирење, 2 жолчки + 1 лажица млеко за премачкување, сусам за наросување, 80-100 г маргарин на парченца кој се става врз погачата пред печење.

Постапка: Квасецот растворете го во 200 мл топла вода во која сте додале 2 лажички шеќер. Во сад за месење додаjте го растворениот квасец, додаjте сол, масло, 2 белки од јајце на собна температура, 1 цело јајце и уште 200 мл топла вода.




Промешајте добро за да се изедначат сите течни состојки и да се раствори квасецот, а потоа постепено започенете да го додавате брашното и мешајте сè додека тоа е можно да се меша со лажица. Потоа додаjте го преостанатото брашно и замесете го тестото со раце.

Тестото треба да биде средно меко и еластично. Покријте го и оставете го околу половина час да стасува додека да го удвои својот волумен. Стасаното тесто истресете го на работна површина. Не треба да се меси, туку малку да се формира со рацете за да добиете издолжен голем валјак.

Овој валјак поделете го на 8 еднакви (приближно) делови (погледнете фото). Деловите од тесто ставете ги на страна (не ги месете). Земете го првиот дел па започнете да го тркалате со рацете врз работната површина, така да добиете долга врвка од тесто со дебелина од околу еден прст.




Во тепсијата за печење излејте 150 мл масло за готвење. Од едниот крај на „врвката“ од тесто направете една дyпка во средината на тепсијата, како на фотографијата. Наоколу формираниот “полжав” ставете издробено ситно сирење (погледни фотографија).

„Врвката“ од тесто започнете да ја виткате во круг, како полжав. Околу кругот повторно наросете ситно сирење. Од вториот дел од тестото, формирајте втора „врвка“, па свиткајте околу издробеното сирење, собирајќи на тој начин, во круг.

Околу кругот повторно свиткајте ја третата „врвка“ од тесто, како на фотографијата. Оваа постапка повторувајте ја додека да го потрошите целото тесто и вртената пита да биде готова. За оваа количина на тесто потребна ви е поголема тепсија со величина од 40-42 см.

Кога е готова питата покријте ја со кујнска крпа и оставете ја да стасува на топло или на собна температура додека малку да нарасне. Потоа изматете ги жолчките со малку млеко, па со силиконска четка премачкјате ја целата пита. Одозгора наросете сусам или семки по желба.

На вака приготвената пита одозгора насекаде по малку наредете мали парчиња исечен путер или маргарин. Распоредете го рамномерно, па ставете ја питата да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 40 минути или додека убаво да зарумени.




На пресекот од питата можете да забележите дека таа е мека како душа. Ако ја направите оваа пита, ќе се изненадите од тоа колку таа е прекрасна, мека и превкусна. Послужете ја со кисела павлака, јогурт, ајвар… или некој друг намаз кој вие го сакате. Рецепт и фотографии на Верче Илиоска / Coolinarika.com

Претходна статијаОва е најлесниот и најбрзиот начин за развлекување на домашни кори за пита
Следна статијаДиректно од Pим ни пристига рецепт за кремасти макарони: имаат одличен вкус затоа што се готват во специјален сос