Веројатно нема македонска кујна во која не се подготвува овој деликатес, ова превкусно јадење кое ти ги отвора сите сетила, но, за оние кои не пробале, ќе ви го откријам овој превкусен и пикантен прилог кој е совршен и за посна и за масна трпеза. Рецепт на Мирјана.




Моите гости дури и кога на трпезата има печено прасе, приоритет му даваат на ова јадење со црвени пиперки и редовно порачуваат да го има и за следниот пат кога ќе се собереме на трпезата. За време на постот пак, е идеален, само што бара повеќе конcyмирање леб, за жал. Еве го мојот рецепт:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 10-тина благи, суви пиперки, 5-6 лути суви пиперки, една главица лук или повеќе, лажичка сол, доматен сос – количина по вкус, малку масло за попарување.




ПОСТАПКА: Земам до десет суви, благи пиперки (или помалку) и 5 – 6 лути суви пиперки. Ги потпекувам сосема кратко на рингла, по десеттина секунди. Во дрвен аван толчам поголема количина лук, (цела главица, колку повеќе – повкусно е), со додадена лажичка сол.




Подизладените, малку потпечени пиперки ги кршам, слободно со раце, сеедно поситни или покрупни парченца врз истиот дрвен аван и нив малку ги толчам сосема кратко. Нека останат и покрупни парченца, сеедно, сè се изедува, ништо не останува на крај.




Потоа додавам шишенце домашен или купен сос од домати. Колку повеќе од доматниот сос, толку е повкусно, а и се добива количина, секако. Го проверувам вкусот и додавам сол ако е потребно.




Во меѓувреме во тава или мало тенџерче ставам масло да зоврие. Количината на маслото е според ваш вкус. Кога ќе зоврие, го истурам врз претходно приготвената смеса, промешувам и готово е.




Се подготвува за десеттина минути, а вкусот е прекрасен, особено за оние со слаб апетит. Може да се дополни со печени и лупени цели пиперки, свежо направени или ако сте си замрзнале, само одмрзнете ги и додајте ги во макалото. Одозгора наросете свеж и ситно исечкан магдонос. И болни ако пробаат, ќе оздрават. Пробајте и уверете се!