Да нè помилува Бог и да нè спаси по молитвите на светиот Архистратиг Михаил и на другите небесни бестелесни сили. Амин

На 21 ноември, христијанските верници ќе го прослават големиот христијански празник Светиот Архистратиг Михаил и останатите Сили небесни и бестелесни или меѓу народот познат како Свети Архангел Михаил. На овој ден, голем број верници ќе го прославуваат својот именден.

Кој е Свети Архангел Михаил?

Михаил е архангел споменат во Откровението (12:7); во Стариот Завет Михаил е споменат по име во перисиски контекст на Книгата на Даниел. Претставен е како заповедник (војвода) на Господовата војска.

Таму тој се јавува како „еден од првите кнезови“ (Даниел, 10:13) кој во привидението на Даниел му притекнува на помош на архангел Гаврил во борбата против ангелот на Персија, а опишан е и како застапник и бранител на Израел и „големиот кнез кој ги штити синовите на твојот (Даниеловиот) народ“ (Даниел, 10:21, 12:1).

По талмудските преданија неговото име значи „како Ил (Бог)“ или „Иловиден“, „Илолик“ („Боговиден“, „Боголик“)

Михаил е меѓу главните ангели во Аврамските преданија; се вели дека неговото име било борбен извик на ангелите на небесата во борбата против Сатаната и неговите следбеници.

Голем дел од доцните Мидрашки подробности за Михаил се пренесени преку Книгата на Енох, од каде понатаму биле дообработени.

Во доцносредновековното Христијанство, Михаил, заедно со Свети Ѓорѓистанале светец-заштитник на витештвото, како и на првиот витешки ред на Франција, Редот на Свети Михаил во 1469.

Во британскиот систем на почести, витешкиот ред основан во 1818 е именуван по овие двајца светци – Ред на Свети Михаил и Свети Ѓорѓи.

Во многу христијански кругови Свети Михаил се смета за заштитник на борците. Полицајците и војниците, а особено падобранците го сметаат за нивен светец-заштитник.

НАРОДНО ВЕРУВАЊЕ:

Има многу традиционални верувања за овој ангел. Тој ги посетува сите болни луѓе. Затоа се смета дека на овој ако се сонува светецот, треба да се обрати внимание на тоа каде тој ќе задтане во сонот и визијата: Доколку застане кај нозете не е добро, а ако застане над главата ќе биде добро и болниот ќе се излекува.

Светиот Архистратиг Михаил и останатите Сили небесни бестелесни

Од длабоката древност Божјите ангели се празнувани од луѓето. Но, тоа празнување често се одметнуваше во обожување на ангелите (4 Царства 23, 5).

Еретиците прикажуваа сешто за ангелите. Некои од луѓето, во ангелите гледаа богови, други, иако не ги сметаа за богови, ги нарекуваа создатели на сиот видлив свет.

Лаодикискиот помесен собор, којшто се одржа четири или пет години пред I Вселенски Собор, со своето 35 правило го отфрли поклонувањето на ангелите како на богови и го востанови правилното почитување на ангелите.

Во времето на папата Силвестер и на александрискиот патријарх Александар (4 век), беше востановен овој празник на Архистратигот Михаил со другите небесни Сили, во месецот ноември.

Зошто токму во ноември? Зашто после март, ноември претставува деветти месец. А се смета дека во месецот март било создавањето на светот.

А деветтиот месец после март е земен заради деветте ангелски чинови, коишто се најпрво создадени. Свети Дионисиј Ареопагит, ученик на светиот апостол Павле, т.е. на оној апостол којшто беше воздигнат до третото небо, овие девет ангелски чинови ги опиша во книгата „За небесната Јерархија“.

Тие чинови се следните: шестокрилите Серафими, многуоките Херувими и богоносните Престоли, Господствата, Силите и Властите, Началата, Архангелите и Ангелите. Војвода на целата ангелска војска е Архистратигот Михаил.

Кога сатаната, Луцифер, отпадна од Бога и со себе повлече во пропаст еден дел од ангелите, тогаш Михаил стана и извикна пред неотпаднатите ангели: „Да внимаваме! Да застанеме добро, да стоиме со страв!“

И сите небесни војски на верните ангели громко запеаја: „Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот исполн небо и земља слави Твоеја!“ (за Архистратигот Михаил види во Книгата на Исус Навин 5, 13-15).

Меѓу ангелите владее совршено едномислие, еднодушност и љубов, а покрај тоа и потполна послушност на пониските чинови кон повисоките и на сите заедно кон светата Божја волја.

Секој народ си има свој ангел пазител, а освен тоа и секој христијанин има свој ангел пазител. Треба секогаш да се сеќаваме дека што и да правиме, јавно или тајно, го правиме тоа во присуство на својот ангел-чувар.

А на денот на Страшниот Суд, сето огромно мнозинство ангели ќе се соберат околу Христовиот престол и пред сите нив ќе се објават сите дела, зборови и помисли на секој човек. Да нè помилува Бог и да нè спаси по молитвите на светиот Архистратиг Михаил и на другите небесни бестелесни сили. Амин