Веќе долг период не месам лепчиња-фурнаринки за гостите кога ќе дојдат на гости, туку ги правам овие вкусни соленки кои ги послужувам со супа, салата и месо, а совршени се и како грицки со чај. Исто така, децата често ги сакаат за појадок, па дури повеќе од питите или домашниот леб.




Главната состојка која овие стапчиња ги прави тие да бидат меки и вкусни е урдата. Може да користите и само сирење или кашкавал, но јас веќе долго време ги приготвувам со свежа урда. Исто така, може да се приготват во солена или слатка верзија и да ги послужувате со сладок или солен намаз. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г урда, 100 г рендан кашкавал, 200 г пченично брашно, 30 г путер, 1 јајце, 1 лажичка зачини по вкус (може и мелено семе, сако ким, сусам, оригано, чили, цимет…)




ПОСТАПКА: Во еден сад измешајте ја урдата со јајцето. Додајте ги сите зачини кои сакате да ги има печивото или можете да ставите само малку сол. Потоа додајте го растопениот и изладен путер и изедначете.




Кашкавалот изрендајте го ситно, па додајте го во мешавината со урда и јајце. Потоа започнете постепено да го додавате брашното. На почетокот мешајте со лажица, а потоа замесете со рака додека да добиете густо тесто.




Од тестото формирајте топка, па завиткајте го во проѕирна фолија или во кеса и оставете го во фрижидер на ладење додека да се стегне добро, околу половина час.




Изладеното тесто истресете го врз малку набрашнета работна површина, па со помош на оклагија развлечете го во средно-тенка кора. Исечете ја на тенки ленти-соленки (од кората можете да правите форми и фигури со какви сакате облици, но јас секогаш ги правам како тенки стапчиња).




Стапчињата наредете ги во плех обложен со хартија и ставете да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени околу 25 минути или додека да добијат златна боја. Од оваа количина се добиваат околу 40 стапчиња. По желба, можете да ја удвоите количината.