За овој рецепт ќе ви требаат малку поголеми тиквици, отприлика 2 ќе ви бидат готови за еден ручек. Сите знаат колку тиквичките се здрави, а најмногу летно време ги подготвуваме похувани, кога ќе фатат тенка крцкава коричка се највкусни.




Овој рецепт е многу едноставен, потребно ви е многу малку мелено месо, таман за се чувствува. Како што е поскапено месото, воопшто не ми се купува, па кога го најдов овој рецепт, многу се израдував. Еве што ви е потребно за овој ручек:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г мелено месо (по ваш избор), 2 поголеми тиквици, 3 јајца, презла и зачини како сол, лук во гранули, 1 голема лажица црвена пиперка, брашно и неколку капки масло.




ПОСТАПКА: Тенката лушпа од тиквичките излупете ја, без да трошите месниот дел од тиквицата. Потоа пресечете ги на дебелина, на неколку парчиња, можете на 5-6 зависи колку сакате да бидат дебели.




Вака подготвените тиквички посолете ги од двете страни, а настрана подгответе го месото кое може да биде мешано или чисто телешко, јунешко, свинско.. Зачинете го со сол, црн и црвен пипер (нема потреба да ставате кромид) можете да ставите само лук во гранули.




Измешајте ја смесата додека стане компактна и во неа додајте малку презла (околу 2 лажици). Врз листот од тиквичка премачкајте тенок слој од меленото месо и убаво размачкајте го како намаз. Одозгора покријте со уште една тиквичка и залепете како сендвич.




На истиот начин подгответе ги и останатите тиквички кои треба да ви бидат во парен број. Потоа, секоја тиквичка валкајте ја во малку брашно, па во јајца и на крај во презла измешана со зачини по ваш избор. Вака подготвени тиквичките редете ги во плех, обложен со хартија за печење.




Доколку тиквичките се премногу големи и не ви ги собира во чинијата со јајце, можете да си помогнете да ги премачкате со кујнска четкичка. Вака подготвените тиквички прелијте ги со масло (сосем малку) додека се наредени во плехот.




Печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени додека убаво да поруменат и да фатат тенка коричка. По печењето оставете ги добро да се изладат. Можете да ги послужите со печен компир или варен ориз. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.