Дали поради дождот во јуни сте депресивни? Еве објаснување. Се чини дека овојпат излитената фраза „Вака никогаш досега не било“ е во право, бидејќи никој не се сеќава на ваков јуни.

Сигурно веќе знаете за податокот дека медитеранските земји трошат неспоредливо помалку антидепресиви во споредба со скандинавските земји, а истражувањето спроведено во Psychological Science  во кое учествувале 605 испитаници, на некој начин тоа го потврдило.

Имено, учесниците биле следени и проценувано нивното расположение врз основа на временските услови, па се утврдило дека кога времето е убаво луѓето се многу подобро расположени, со подобра концентрација и генерално повесели, отколку кога времето било дождливо.

Дали овој јунски дожд може да не фрли во некој вид на депресија?

Научните податоци покажуваат дека се повеќе луѓе во последно време можат да се сврстат во метеоропати. Додека порано на ова не се придавало голема важност, најновите податоци покажуваат пораст на луѓето кај кои промената на времето многу влијае врз нивното психичко и физичко здравје. Дождот и тмурното време особено во период кога не му е „време“, многу лесно можат да предизвикаат меланхолија и депресија, успореност, замаеност и поспаност.

Ако токму вака се чувствувате во моментов, да знаете дека не сте единствени. Меѓутоа, дали може нешто да се направи и да се подобри состојбата? Може , ако имате поинаков пристап кон состојбата.

Ние не можеме да влијаеме врз временските услови, можеме само да ги прифатиме такви какви што се. Но затоа, можеме да го промениме ставот кон дождливото време, на пример, и во тоа е целата работа. Не е важно што се случува околу нас, туку како ќе пристапиме. На пример, луѓето во Лондон не можат да чекаат идеални временски услови за да излезат на прошетка. Затоа одат на прошетка и се дружат тогаш кога тие сакаат, без разлика на времето. Така и ние треба сами себеси да си дадеме дозвола за да го правиме она што го сакаме, без разлика на временските услови.

Ако баш ништо не ви се прави и немате желба за шетање и дружење – ниту тоа не е проблем.

Можете едноставно да одморате и да спиете, ионака сите се жалиме дека за тоа немаме никогаш доволно време. Значи, ако дождот се обиде да ве онерасположи, од вас зависи дали во тоа ќе успее. И не грижете се, за неколку седмици ќе настапи вистинското летно време.