Син ми сака сè што е направено со плазма кекси, а оваа торта му е омилена. Ако и вашите деца ги сакаат десертите приготвени со овој бисквит, тогаш запишете си го рецептот и изненадете ги со оваа многу кремаста торта која ќе ве воодушеви како со изгледот, така и со вкусот. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за 1 кора, а потребни се 3 (за плех со димензии 24х34 см): 5 белки, 1 жолчка, 5 супени лажици шеќер, 4 супени лажици мелени кекси, 1 супена лажица брашно. Испечете три вакви кори во истиот калап.

ЗА ФИЛ I: 12 жолчки, 15 супени лажици шеќер, 5 супени лажици густин, 700 мл млеко, 250 г маргарин или путер. ЗА ФИЛ II: 300 г шлаг крем, 100 мл млеко во прав, 250 мл млеко, 100 мл слатка павлака, 300 г мелени плазма бисквити




ПОСТАПКА: Во посебни садови одделете ги белките од жолчките, а една жолчка тргнете настрана која подоцна ќе ја додадете во тестото за кората. Останатите жолчки оставете ги покриени за приготвување на филот. Во белките додајте шеќер и пенасто изматете ги со миксер.




Матете доволно долго додека шеќерот да се растопи и да добиете цврст снег. Потоа додајте ја едната жолчка и продолжете со матење. Кога ќе се изедначи снегот, исклучете го миксерот кој повеќе не ви е потребен, па додајте ги мелените плазма кекси и брашното. Вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени, а смесата полека промешајте ја со лажица или шпатула.




Плехот со димензии 24х34 см обложете го со хартија за печење, па во него излејте ја целата смеса и со помош на шпатулата рамномерно распоредете и израмнете ја површината. Бисквитот печете го во врелата рерна 15 минути, а за тоа време пригответе го тестото за втората кора, на ист начин како и за првата. Потоа пригответе ја и испечете ја третата кора.




Во едно тенџере сипете половина литар млеко и додајте го шеќерот, па ставете го на оган. Во посебен сад изматете 12 жолчки со 5 лажици густин и 200 мл млеко. Матете со миксер за да нема грутчиња и побрзо да добиете мазна и изедначена смеса. Штом млекото проврие, намалете ја температурата и потргнете го малку настрана.




Во тенок млаз додајте ја смесата со разматените жолчки и непрекинато мешајте додека кремот да се свари и да ја постигне посакуваната густина. Претурете го во друг сад, покријте го со проѕирна-стреч фолија и оставете да се олади до собна температура. За тоа време пригответе го вториот фил.




Во подлабок сад сипете 300 г шлаг крем, 100 г млеко во прав и 250 мл ладно млеко, па пенасто изматете со миксер додека да добиете густ шлаг-крем. Кога добро ќе се зацврсти, додајте 100 мл ладна слатка павлака и продолжете со матењето уште 1-2 минути додека да се соедини. Потоа исклучете го миксерот.

Додајте 300 г мелени плазма кекси и промешајте со лажица или шпатула, па вториот фил е спремен. Вратете се кај првиот фил: пенасто изматете го путерот (омекнат на собна температура), па постепено во него додајте го оладениот крем, лажица по лажица, додека целосно да се соединат.

Од вториот фил (шлаг кремот) црпнете 6 лажици и додајте ги во првиот фил со жолчки, па кратко изматете додека да се изедначи. Филување: кора (натопете ја со 4-5 лажици сок од портокал или млеко и оставете малку да впие), потоа фил 2, па фил 1, кора (натопена), фил 2, фил 1, кора (натопена) и целата се прекрива со остатокот од филот. Оставете ја во фрижидер преку цела ноќ, а следниот ден декорирајте ја по желба. Деталите погледнете ги ОВДЕ.