Имаше три тешки операции, неговите органи откажуваа и долг период беше на апарати. Оперциите беа тешки, а шансите дека малиот Вилијам ќе се спаси, беа многу мали.

Многумина дигнаа раце и не веруваа дека тој ќе преживее. Губеше од телесната тежина и состојбата веќе беше очајна. Не го примаше млекото, па започнавме да му го мешаме со ленено масло. Она што се случи со Вилијам е вистинко чудо…- раскажуваат докторите од клиниката Жан Митрев.

Малиот Вилијам во нашата клиника дојде речиси веднаш по раѓањето, со возраст од само 15 дена, и тоа како итен случај. Борбата за неговиот живот започна уште првиот миг од кога влезе во Zan Mitrev Clinic.

Академик доктор Жан Митрев се сеќава на Вилијам пред се како случај на голем борец а потоа како еден од најкомплицираните и најтешките случаи со среќен крај.

– Вилијам беше упатен кај нас како итен случај со комплексна вродена срцева маана. Имаше големо мешање на крвта, поради кое белите дробови не можеа добро да работат и мораше итно да се оперира.

После првата операција, тој полека почна да се опоравува, но знаевме дека му претстојат уште две операции, и тоа во најдобар случај, заради другата срцева маана, која беше пропратена со многу стеснета аорта, главниот крвен сад кој излегува од срцето и го снабдува со крв целиот организам.

Поради ова срцето почна да биде сè повеќе оптеретено. Опоравувањето беше забавено и не одеше како што посакувавме – вели доктор Митрев додека сега го држи Вилијам во рацете, а тој пак, барајќи да им се сретнат погледите му се смешка покажувајќи му го првото запче кое во меѓувреме му пораснало а кое исто така говори за неговата супер состојба и повеќе од задоволително напредување во растот и развојот.

Недела е. Десеттиот ден откако помина првата операција на Вилијам. Тоа беа десет дена интензивна нега и борба за секој здив на малиот борец. Сите погледи се свртени кон ова бебенце. Без прекин е под присмотра на докторите а доктор Митрев постојано го надгледува.

Но, кревкото здравје многуте вродени проблеми не оставаат се да тече како што ние планираме и посакуваме. Доктор Митрев раскажува како таа недела станува еден од неколкуте клучни пресвртници за малиот Вилијам … и повторно битката е добиена… Животот продолжува.

На десеттиот ден од првата операција дојде до нагло влошување на состојбата. И онака тесната аорта, комплетно се затвори. Настапи многу тешка состојба. Практично, од главата па надолу, немаше никаква циркулација на крв. Вилијам беше комплетно модар. Состојба која не можеше да ја преживее.

Беше недела. Веднаш итно се влезе повторно во операциона сала. Операцијата беше со огромен ризик, но немаше друга опција. Се направи комплетно проширување на аортата и се воспостави нормална циркулација во целото тело. Но, со тоа сега се појавија и сите можни компликации во интензивната нега.

Заради недостатокот на крв беа оштетени бубрезите, црниот дроб со сите внатрешни органи, цревата, белите дробови. Бубрезите практично престанаа да функционираат, па беше приклучен на перитонеална дијализа. Лабораториските вредности за оштетување на црниот дроб беа катастрофални.

Се разви тешка дисфункција на цревата и храна можеше да се дава само интравенски. Од сето тоа се разви и лоша функција на белите дробови, која се комплицира со пневмонија и бактерии кои продреа во крвта, правејќи септична состојба.

Сè што можеше да се јави како компликација, малиот Вилијам го имаше. Губеше на тежина. Беше дојден со 2,8 кг, а сега веќе беше паднат на 2 кг. Лош знак. – вели доктор Митрев, сеќавајќи се на тие денови кога нашиот мал борец беше на работ, а сите ние од Zan Mitrev Clinic го туркавме со сите сили на страната на животот.

Но, да, и тој, тој самиот најмногу помагаше во тоа и во најтешките и да речеме безизлезните ситуации излегуваше како победник. Навистина фасцинантно за сите нас, со полни гради воздивнуваме и се загледуваме во неговите сега веќе заруменети обравчиња кои лакомо ги ловат сите насмевки околу него. Да, сега е така, но изминатите месеци патот беше трнлив и понатаму со многу препереки, потешкотии и непланирани компликации.

Доктор Жан Митрев вели дека секој ден, 24 часа на ден, беше борба за животот на малиот Вилијам.

Еден дел од тимот на доктори (кои веќе не се тука ) веќе се имаа откажано од него. Тие дури и со чудење нè гледаа дека продолжуваме да правиме сè што е можно за да му дадеме уште некоја шанса. А тоа траеше, веќе беа поминати месец дена во интензивна нега. Но реално, се изгледаше безнадежно. Дури и посетите кај малиот Вилијам беа се поретки.

Никако да профункционираат цревата, белите дробови …. но бубрезите некако се опоравија. Вилијам почна да мокри, бевме пресреќни, се појави зрак надеж. Од друга страна пак цревата никако не го поднесуваа млекото. Се што ќе дадевме преку уста, се враќаше назад. Бевме немоќни, телесната тежина одеше надолу, под 2 кг, стануваше многу критично.

Тогаш решивме да му го мешаме млекото со ладно цедено ленено масло, кое ние сами го подготвуваме во болницата. Го даваме на тешко болни пациенти и одлично реагираат, но на доенче старо неколку денови, никој не знаеше како ќе реагира, но, немавме избор.

И некако, ден за ден, како да почна храната да се вари. Млекото помешано со ленено масло не се враќаше. И повторно голема радост во тимот, Вилијам какаше!! Веќе нашите надежи беа пораснати. Има сè поголеми шанси, си велевме, и продолживе понатаму. – додава доктор Митрев сега веќе охрабрен од резултатите на Вилијам но со истата огромна надеж и желба да се добие оваа битка за животот и покрај многубројните негативни околности и откажувања од останатите.

Вилијам почна да се поправа. Се радувавме на секој додаден грам телесна тежина. Тој почна да напредува, набрзо ја постигна тежината со која дојде. И повторно радост во тимот: „Вилијам има 3 килограми“. Но беа поминати веќе 60 дена во интензивна нега.

Белите дробови и натаму беа во многу лоша функција и Вилијам и понатаму дишеше со машина за дишење. Неколку пати пневмонијата се санираше и повторно се разгоруваше. Но тој некако, клинички се опровавуваше, се бореше… Се обидовме да го отргнеме од респираторот, издржа неколку часа и мораше пак да се врати. И така, минуваа деновите сè до накај 80-тиот ден кога успеавме да го тргнеме од сите машини.

Вилијам беше на добар пат. Се врати надежта и кај неговата мајка која сè повеќе се поврзуваше со него и веќе сè повеќе и недостасуваше. Вилијам напредуваше со секој нареден ден, сите доктори од педијатрискиот дел на интензивна нега и останатите исто така се гордееја со напредокот на малиот борец, и после 3 месеци престој, можевме да го пуштиме дома.

Сите бевме среќни, но со умереност, бидејќи знаевме дека ни претстои уште една операција. Можеби најтешка за него.

Контролите беа редовни, чекавме Вилијам малку да порасне и после 3 месеци и близу 6 килограми тежина, ја испланиравме и третата операција. Бевме сите напнати, не знаевме како ќе се опоравува од неа, дали ќе се активираат старите проблеми. Операцијата се направи со вонтелесна циркулација и двата големи отвори во предкомората и во комората се затворија.

Сега, Вилијам имаше срце без маана. Само неколку часови по операцијата, се разбуди и можевме да го тргнеме од машината за дишење. Веќе утредента беше со мајка му. Се чудевме колку брзо и добро се опоравуваше, а кога го прегледувавме , весело се смееше. Како на сите да сакаше да ни каже: Гледате ли? Успеав! Не залудно се трудевте околу мене.

Само после шест дена од третата операција, Вилијам со семејството си замина за Куманово. Денес дојде Вилијам со мајка му, да ми го покаже првото запче. И повторно, сите се радувавме за него. Вилијам од Куманово е најголемиот јунак што сум го сретнал во мојот живот. Толку мал, но ни покажа, уште еднаш нè потсети, дека треба да се бориме до крај, да веруваме и никогаш да не се откажуваме.

Голем да раснеш, и само среќа да те прати, тоа навистина го заслужуваш! – од срце му посака Академик д-р Жан Митрев на ова мало срце кое ќе бие во пулсот на животот за сите нас, за себе, за животот како победник.

Пред да замине дома Вилијам не беше поштеден од гушкања од целиот тим кој деноноќно се грижеше за него додека беше во нашата клиника. Д-р Дијана Попевски, спец. по анестезиологија со интензивно лекување емотивно сведочи за длабоките врски кои се градат и доживотно траат помеѓу пациентите и лекарите. Кога станува збор пак за дете тогаш тие врски се животни лекции од кои сите учиме. Учиме како да се цени животот и како треба да се бориме за него и кога мислиме дека се е завршено.

Случајот со бебето Вилијам е предизвик кој остава длабоки траги во професионалниот развој на секој доктор кој одлучил да работи вродени срцеви мани кај деца. Тоа е пример на истрајност, пример на љубов и страст во борбата за детскиот живот.

Вилијам е детето кое “oживуваше“ неколку пати на одделението на интензивна нега и лекување. Дете кое 3 месеци нè учеше дека и невозможното е возможно и дека вреди да се бориме до последниот здив. И кога на работ на силите ќе се обесхрабревме и ќе помислевме дека го губиме тој повторно ја враќаше желбата за живот и ние продолжуваваме.

Се радувавме на првото продишување, на првата столица и на првиот пуштен глас. Го славевме одвојувањето од машината за дишење и првото мочкање во пелена. Со солзи во очите го предадовме на мајка му кога го земаа дома пред последната операција. “Да ни го чувате“ и порачавме и со страв во душата ги чекавме контролите.

Вилијам се врати пораснат за последниот предизвик. За последната операција која значеше дефинитивно решавање на срцевата мана. И повторно на сите срцето ни се стегна. Овој пат малиот борец помина беспрекорно. За неколку часа беше буден и без апарати а веќе за неколку дена беше подготвен за дома. Првата контрола и веста за првото запче беа најубавиот подарок за сите нас. Се гушкавме и смеевме. Со солзи во очите си раскажувавме како беше.

Вилијам не научи како да издржиме, како да растеме и пред предизвиците да не се откажуваме. Борејки се со него и за него во време кога сите околности беа отежнувачки ние се издигнавме над сите препреки и пораснавме.

Постот за Вилијам е посветен на сите дечиња кои од првиот здив живеат во нашата болница и за кои се бориме секојдневно. “Да се видиме на првиот роденден и со првите чекорчиња “ им порачавме на родителите и го испративме нашиот херој – од срце посака д-р Дијана Попевски во што се вклучуваме сите ние од Zan Mitrev Clinic.