Идеја за ручек некако успеваме да најдеме, но што е со појадокот и вечерата? Сакаме тоа да биде разновидно, здраво и вкусно, да не се повторува… Влашките кифли се најдоброто решение за вакви ситуации, зашто се меки како памук, може да се комбинираат со најразлични салати, сосови и намази, а може да се јадат и така, со чаша јогурт или кисело млеко.
Тестото за кифлички воопшто не е тешко да се направи кога еднаш ќе „навлезете“ во постапката. Овојпат кифличките ги филувавме со спанаќ и сирење, но секако, можете да користите и фил по ваш избор. Кога ќе ги направите овие влашки кифли, месењето ќе ви стане редовна навика. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 800 г брашно, 1 јајце, 100 мл растително масло, 1 чајна лажичка шеќер, 1.5 чајна лажичка сол, 1 коцка свеж квасец (30-40 г) или 1 кесичка сув квасец (10 г), 200 мл јогурт, 200 мл вода. За премачкување: 200 г путер. ЗА ФИЛ: 300-400 г спанаќ, 2 јајца, 200-260 г сирење, 1 јајце за премачкување
ПОСТАПКА: Пред отпочнување на подготовката на тестото сите намирници оставете ги малку да отстојат на собна температура, а ова особено важи за јајцето и јогуртот кои вообичаено се чуваат во фрижидер. Брашното просејте го во подлабок сад за месење, во средината направете вдлабнување, па тука сипете ги сите набројани состојки.
Откако ќе ги ставите јајцето, маслото, шеќерот, квасецот и јогуртот, сипете најпрво 100 мл вода, промешајте, а остатокот додавајте го постепено за да оцените точно колку ќе ви биде потребно. Солта сипете ја покрај страните на брашното, па сето убаво промешајте го.
Откако ќе ја сипете потребната количина вода, замесете со рака средно меко тесто. Кога ќе стане компактно, истресете го врз набрашнета работна површина и месете го неколку минути или колку е потребно за добро да се изработи, да стане мазно и да не се лепи.
Обликувајте го во векна, извалајте го врз намастена површина за да се измазни, па поделете го на четири еднакви дела, а потоа од секој дел поделете го на три или четири помали делови (на тој начин ќе добиете 16 делови).
Сите обликувајте ги во топчиња, наредете ги врз намастена површина, намастете ги и одозгора покријте ги со кеса за да не се сушат. Оставете ги да одморат 15-20 минути, а за тоа време пригответе го филот: исчистете го и исечкајте го спанаќот, посолете го со прстофат сол и истријте го низ раце за да омекне.
Вишокот течност што ќе го испушти исцедете го низ раце. Во спанаќот додајте две јајца и ситно сирење, па сето соединете го. Спремниот фил одложете го до употреба, па започнете со обработка на тестата.
Ќе спојувате по четири топчиња: сплескувајте ги со дланката, одозгора премачкувајте ги со омекнат путер на собна температура и редете ги едно врз друго. Последното не го премачкувајте. Повторете ја постапката со останатите, така да на крај да добиете 4 купови.
Земете го првиот куп од 4 корички, ставете го врз набрашнета работна површина, посипете уште малку брашно одозгора, па развлечете тенка кора со кружен облик. Кората тргнете ја настрана (набрашента за да не се лепи), па развлечете уште една кора.
Преку површината на кората премачкјате малку омекнат путер и распоредете половина од филот од спанаќ и сирење. Преклопете ја другата кора и развлечете ја до краевите, па малку притиснете со прстите за да се залепат. Потоа лесно поминете со оклагијата одозгора за да се развлече тестото уште малку и да стане уште потенко.
Потоа кората исечете ја на 16 триаголници, направете мал засек на поширокиот крај, па секој триаголник свиткајте го во кифла. Кифлите наредете ги во плех обложен со хартија за печење, премачкјате ги со изматено јајце и оставете ги да ферментираат половина час за да го зголемат волуменот.
Потоа вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени, а кога ќе ги ставите кифлите да се печат намалете на 180 степени. Печете ги приближно 25 минути или додека да заруменат. Постапката повторете ја и со другите две теста, така што ќе добиете 32 кифли. Видеопрезентацијата на Валентина погледнете ја ОВДЕ. Прочитајте: 4 рецепти за влашка пита, која од која повкусна, кој пробал знае – ОВДЕ.