Влашка пита – кој ја пробал знае колку е вкусна. Фотографија и рецепт на Елена Ангелевска. Потребни состојки: 1 кг брашно, 500 мл млеко, 1 коцка квасец, 1 филџан за кафе масло, 2 јајца, 1 супена лажица сол, 1 супена лажица шеќер, 1 маргарин/путер, сусам за наросување.

Постапка: Квасецот со шеќерот се растопуваат во млекото кое претходно сме го замлачиле. Па се додава маслото и јајцата па се замесува тестото. Солта претходно се става во брашното. Откако ќе се измеси тестото, се дели на три дела, а исто и маргаринот се дели на три дела.

Се зема едно топче, се развлекува и се премачкува со маргаринот. Потоа се преклопува од страните, па пак со маргаринот се премачкува и пак се дипли. Исто се постапува и со другите две теста, Се ставаат во чинија, секое посебно, па во фрижидер за длабоко замрзнување да отстојат половина час.

Потоа се зема едно тесто и се сучи колку што е тепсијата па се става фил по желба, на пример урда со праз. Се развлекува и втората кора, па се става врз филот и над втората кора повторно се реди фил. Третата кора се сучи и се става врз филот. Не се става ништо врз третата кора.

Се сечат ленти по должина и секоја лента се врти како да цедиш алишта и се редат во намастена тепсија едно до друго. Се остава на нараснат, се мачкаат со јајце и сусам, па се печат. Преубави се, тестото е многу меко. Фотографија и рецепт на Елена Ангелевска.

II РЕЦЕПТ – ВЛАШКА ПИТА: Ова е омиленото јадење на моите дома, меко и вкусно и следниот ден.

Ова е омиленото јадење на моите дома. Денес питата ја правев со сирење и праз, а може и само со сирење, со мелено месо или со сирење и спанаќ, шунка и кашкавал…

Питата е мека и вкусна и следниот ден. Потребни состојки: 1 кг брашно, 400-500 мл млеко, 100 мл вода, 1 коцка свеж квасец, 1 лажица сол, 2 лажици шеќер, 1 филџан за кафе масло (100 мл), 1 лажичка алкохолна киселина (оцет) и 250 г маргарин/путер за премачкување.

За фил: 400 г тврдо сирење или ситно сирење за пита, 3-4 страка праз, 1 јајце за премачкување, сусам за наросување и 1 лажичка црвен пипер за наросување (по желба).

Постапка: Во еден мал сад ставете 100 мл млака вода, растворете во неа една коцка свеж квасец со малку шеќер и брашно, промешајте и оставете 10-тина минути на топло додека да се активира.

Во поголем сад ставете брашно, во средината направете вдлабнување, додадете сол, шеќер, масло, оцет, активираниот квасец и полека со додавање на млако млеко замесете мазно тесто. Истресете го на работна површина и измесете го со раце додека да добиете еластично тесто (а по потреба додадете брашно).

Ставете го тестото во сад да одмора околу 10-15 минути покриено со крпа, значи нема потреба да стасува долго додека да го удвои волуменот. Исечете го празот ситно и кратко пропржете го на малку масло. Ако сирењето е тврдо, тогаш изрендајте го на крупо.

На тивок оган само малку растопете го маргаринот за да може полесно да се нанесува врз корите. Тестото ставете го повторно на работна површина и поделете го на 6 топчиња. Од секое топче со оклагија развлечете кора од приблино 35 см.

Корите премачкајте ги со растопениот маргарин, наросете врз нив сирење и праз и редете ги една врз друга, освен врз последната. Од вака наредените кори се обликува една голема со правоаголна форма со величина на плехот во кој ќе се пече питата (23х39 см).

Последната кора за да има поубав изглед малку наросете ја со црвен пипер во прав. Кората исечете ја на 8 ленти. Со раце секоја лента свиткајте ја во две спротивни насоки (како спирала). Потоа спиралите наредете ги една до друга во плех намастен со маргарин.

Покријте го плехот со чиста крпа и оставете да стасува околу 30-40 минути. Потоа премачкајте ја одозгора со смеса од изматена жолчка и малку млеко и масло, наросете малку сусам, а потоа нанесете го преостанатиот маргарин помеѓу секоја спирала.

Ставете да се пече на 200 степени во претходно загреана рерна околу половина час. Кога малку ќе подизлади целата пита превртете ја врз чиста крпа или хартија за да не се создава влага на дното од плехот. Спиралите лесно се одвојуваат што е добро, бидејќи питата се сече на парчиња со величина на кифла./Coolinarika.com

III РЕЦЕПТ – Влашка пита – омилената на моите дома, мека и вкусна и за следниот ден.

Фотографија и рецепт на Снежана Јанкуловска. Потребни состојки: 2 јајца, 400-500 мл млако млеко или по потреба, 10 г сув квасец, 1 лажиче шеќер, 1 лажиче сол, 800 г – 1 кг брашно, 50-70 мл масло, 250 г маргарин/путер за премачкување.

За фил: сирење или нешто по ваша желба. За премачкување: 1 јајце и сусам. Постапка: Квасецот се активира во млако млеко со малку шеќер и брашно, па се додава заедно со останатите состојки во брашното. Со постепено додавање на млако млеко се замесува мазно тесто.

Тестото се дели на три дела, се премачкуваат со масло за да не се сушат и се оставаат 10 минути. Секој дел со оклагија се развлекува во кора со дебелина од 5 мм, па со третина од маргаринот се премачкува. Вака премачканата кора се витка како ролат и се остава во обичен фрижидер да излади и да се стегне најмалку 20 – 30 минути.

Секоја кора се развлекува со оклагија (со величина на тепсијата) и се редат една врз друга. Помеѓу корите се става дробено сирење или фил по избор. Се сечат ленти, се виткаат како спирали и се редат во намастен плех обложен со хартија. Се оставаат малку да стасаат, па се премачкуваат со јајце и се наросуваат со сусам.

Се печат во загреана рерна на 200 степени додека да заруменат, околу 30 минути (јас пред крајот ставам и хартија за печење одозгора за да не изгори). Ако ја правите со праз или друг влажен фил, печената пита оставете ја малку да подизлади, па превртете ја врз чиста крпа или на хартија за да не се создава влага на дното од плехот.