Вкусно јадење со тиквички потпечени со прелив – кој не ги јадел, отсега ќе ги пројаде

Па кој може да не ги јаде тиквичките после ова толку вкусно јадење? Пржени/печени тиквички во убав сендвич помеѓу кашкавал и шунка, сето убаво прелиено со јајца и кисела павлака и потпечено во рерна…Ќе бидете воодушевени од вкусот – Трова




Потребни состојки: 3 средни тиквички (може да се проба и со модри патлиџани), 3-4 јајца, 100 г брашно, 150-200 мисиркина шунка, 200 г едамер, трапист или моцарела, 180 г кисела павлака 12% мм, сол, сув зачин (вегета), црн пипер по вкус




Постапка: тиквичките излупете ги, исечете ги со помош на нож по должина во колку можете потенки ланти. Посолете ги и оставете ги во цедалка да го испуштат сокот. Доволно е половина час.




По изминатото време тиквичките ќе го испуштат сокот од кој треба да се исцедат, а потоа да се извалкаат во брашно. Во меѓувреме ставете масло да се загрее да умерена температура (кој сака, може да ги потпече во рерна, на хартија, наросени со малку масло).




Испржете ги тиквичките колку да заруменат. Пржените тиквички редете ги врз хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Секако дека поздрава варијанта е онаа доколку ги печете во рерна, па кој како сака или како му е полесно, така нека ги приготви.




Внатрешноста на еден огноотпорен сад убаво намастете го со масло или со путер (може да користите и од оние садовите направени од алу-фолија, стаклени огноотпорни садови, плех или калап по ваша желба, со помала димензија).




Потоа, наредете еден ред тиквички. Врз тиквичките наредете ленти шунка и рендан кашкавал. Постапката продолжете ја додека да го потрошите материјалот. Јас добив три слоја, со тоа што последниот слој го завршив со шунка.




Изматете ја киселата павлака и јајцата, па прелијте ги тиквичките. Одозгора наросете рендан кашкавал и ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу половина час. Послужете топло. / Рецепт од стар број на Храна и Вино / Трова / Сооlinarika.com. Еве уште еден рецепт кој ќе ве воодушеви:




ТИКВИЧКИ ОД РЕРНА: Едноставно, брзо и многу вкусно летно јадење

Знам дека има мноштво рецепти со тиквички, едноставно не може летото да помине без нив. Не само што се многу вкусни и може да се приготвуваат на 1001 начин, туку се и многу здрави. Еве еден мој придонес со рецепт кој го прочитав од списание. Мене многу ми се допадна, а се надевам и вам ќе ви се допадне, затоа што е брз, едноставен и многу вкусен – Тамара.




Потребни состојки за 3 лица: 3 тиквички малку поголеми, 2 лажици маслиново масло, 3 млади лукчиња или кромитчиња, 1 помала китка свеж босилек, 150 г рендан кашкавал, 2 јајца, 100 мл неутрална течна павлака за готвење, 2 чешниња лук, малку мускатно оревче, сол и црн пипер по вкус, по желва магдонос или власец, 2 лажици пармезан




Постапка: веднаш вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Тиквичките измијте ги, исцедете ги (исушете ги) и исечете ги на тенки плочки. Посолете ги. Исечкајте го младото кромитче, исечкајте го босилекот и изрендајте го кашкавалот.

Ако тиквичките испуштиле сок, малку исцедете ги, па помешајте ги со сечканото кромитче/лукче, босилекот и кашкавалот. Садот во кој ќе ги печете премачкјате го со оние две лажици масло.

Рамномерно распоредете ги приготвените тиквички. Изматете ги јајцата, додајте ја течната павлака за готвење, сечканото лукче, малку посолете и запиперете по вкус, па додајте и малку рендано мускатно оревче.

Сето ова прелијте го врз тиквичките. Ставете да се пече во загреана рерна околу 15-тина минути, па потоа наросете рендан пармезан и допечете уште 5 минути колку убаво да зарумени. Можете да го послужите како самостојно јадење или како прилог. Наместо тиквички на ист начин можете да приготвите и модар патлиџан. / Тамара / Сооlinarika.com

Претходна статијаЗа појадок, лесен ручек или брза вечера – никогаш нема да погрешите со ова
Следна статијаВкусен старински колач по оригинален рецепт, вкусот ќе ве потсети на детството