Ако сте љубител на тиквичките, тогаш ова јадење мора да го пробате. Многу е вкусно, заситно е, а можете да го послужите и како предјадење, закуска, но и како главно јадење. Кога и да го направам кај нас дома сето се изедува уште истиот ден. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3-4 млади тиквички, 1 главица кромид, 1 морков, 500 г мелено месо, половина чаша ориз, зачини по вкус. ЗА ПРЕЛИВ: 150 г кисела павлака, 150 г доматен сос/кечап, 1 чаша вода, малку масло, сол и црн пипер по вкус




ПОСТАПКА: Тиквичките убаво измијте ги со ладна вода, отсечете им ги краевите, а потоа на специјално ренде исечете ги на тенки и долги лентички. Првите лентички опфатени со лушпата кои се потесни и покрути одвојувајте ги посебно.




Ситно исечкајте една главица кромид, па издинстајте ја на малку масло. Кога малку ќе омекне додајте и еден рендан морков, па продолжете со динстањето додека зеленчукот убаво да омекне. Тргнете настрана.




Измијте малку ориз во неколку води и додајте го меленото месо. Оние лентички од тиквичките кои не можат да се искористат за виткање сарми (тесните и крутите лентички) исечкајте ги на ситни коцкички, па додајте ги во месото.




Најпосле додајте го динстаниот кромид и морков, зачинете со сол и црн пипер по вкус, малку лук во прав, па добро измесете ја смесата со рака, додека сите состојки убаво да се изедначат.




Виткајте ги „сармите“ на следниот начин. На едниот крај од лентата од тиквичка поставете една лажица фил, па едноставно свиткајте ја ролничката со ролање. Вака приготвените сармички редете ги во огноотпорен сад претходно малку намастен со масло.




ЗА ПРЕЛИВ: Во еден сад измешајте кисела павлака, доматен сос/кечат, посолете и додајте зачински билки по вкус (босилек, оригано, италијанска мешавина, црн пипер…), и на крај додајте една чаша ладна вода па убаво измешајте додека сите состојки да се растворат.




Со овој сос прелијте ги сармичките од тиквички, покријте со капак (или алуминиумска фолија) па ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 190 степени околу половина час, па тргнете го капакот и печете уште толку (вкупно околу еден час), додека да фатат коричка одозгора.